Во Скопје почна Деветтата годишна министерска конференција за соработка на полето на граничната безбедност во ЈИЕ
Во организација на македонското Министерство за внатрешни работи, а под покровителство на данското претседателство со Советот на ЕУ, денеска во Скопје започна Деветата годишна министерска конференција за соработка на полето на граничната безбедност во Југоисточна Европа.
- Географијата не прави соседи. Историјата не прави пријатели. Економијата не прави партнери, а неопходноста од заедничко дејствување против сите закани и опасности не направи сојузници. Развивањето на идејата за создавање сигурни и безбедни граници и развивањето на концептот на гранично управување не обедини во овој сојуз кој опстојува веќе десет години. И уште еднаш напоменувам дека единствено со заедничко дејствување можеме да бидеме успешни како институции и како држави, рече на отворањето на конференцијата министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Таа додаде дека за време на одржувањето на конференцијата ќе се даде реален предлог на состојбите, напредокот на она што е направено и што треба да се направи во сферата на безбедноста.
- Секако сите ние заедно ќе ги презентираме севкупните достигнувања во оваа сфера и ќе ги анализираме активностите планирани во рамки на ДТЦАФ програмата за периодот 2012-2015 година. Се надевам дека конференцијата ќе ја постигне својата цел, заедничко разбирање на процесите и активностите потребни за подобрување на безбедноста на граѓаните преку ефикасна гранична контрола, потенцираше министерката Јанкулоска.
На конференцијата се обрати и словенечкиот амбасадор во Република Македонија Алан Брајан Бергант, во името на отсутниот словенечки министер за внатрешни работи, кој истакна оти ваквиот тип на состаноци даваат голем придонес во координирањето на активностите насочени кон зголемување на безбедноста во регионот.
Координацијата и комплетарноста на иницијативите, рече Бергант треба да продолжи и секогаш да биде пред поединечните интереси на секоја држава затоа што на таков начин ќе се унапреди безбедноста во регионот.
На конференцијата, со која претседава министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, присуствуваат и министрите за внатрешни работи на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и заменици министри и високи функционери во министерствата за внатрешни работи на Молдавија, Романија, Албанија, Чешка, претставници на ЕК, Еуропол, Фртонтекс, челните луѓе на ДЦАФ, претставници на дипломатскиот кор во земјава од повеќе земји на ЕУ, како и од САД.
Конференцијата тематски е поделена на три работни сесии. По воведните обраќања на министерката Јанкулоска и завршувањето на првата воведна сесија, предвидена е свечена вечера за високите гости, на која ќе присуствува и свое обраќање ќе има претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Според протоколот на конференцијата утре започнува втората работна сесија, по која е предвидена заедничка прес-конференција на министрите за внатрешни работи на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, како и замениците министри од Албанија и Чешка.
По завршувањето на четвртата работна сесија, за утре е најавено потпишување Министерска декларација за соработка на полето на граничната безбедност 2012 година.