„Наша цел во овој мандат е да донесеме целосна трансформација и европеизација на Република Северна Македонија. Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда, а оптимизмот за стабилен политички период доаѓа од остварувањето во претходниот мандат, во кој покажавме дека може да се обезбеди повисок економски раст, кој создава нови работни места, да обезбедиме повисоки плати, да се постигне историски најниска невработеност, а минималната плата да се зголеми за дури 60 проценти, од 9.000 денари на 14.500 денари за нецели три години“, истакнува претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервју за магазинот „CorD“, одговарајќи на прашањето, од каде го црпи неговиот оптимизам за најавата дека нашата земја ја очекува стабилен политички период.
Во интервјуто, премиерот Заев нагласува дека заокружувањето на амбициозниот концепт за продолжување на започнатите позитивни и храбри политики за адаптирање на економијата во новото време е дополнителен мотив за членовите на Владата да работат двојно повеќе, не само за совладување на здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, туку и за враќање на претходните стапки на раст.
„Имаме план за иновативна, стабилна, конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој. Во таква економија, платите ќе продолжат да растат. За време на кризата се обврзуваме да ја задржиме минималната плата на висина од 14.500 денари. По завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 проценти и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 проценти, во зависност од должината и влијанието на коронакризата врз светската и домашната економија“, вели премиерот Заев во интервјуто, оценувајќи дека целта на Владата е до крајот на четиригодишниот мандат да се постигне солиден и одржлив раст од 4 отсто.
Во врска со очекувањата за отворањето на преговорите за пристапување во Европската Унија и подготвеноста на државата за оваа реалност, премиерот Заев вели:
„Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните“.
Премиерот Заев додава оти се надева дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот за општи прашања, односно на ГАК, на 10 ноември, по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.
Тој, во интервјуто за „CorD“, магазин кој се печати во Белград на англиски јазик и го читаат претставници на дипломатскиот кор во земјите во регионот и пошироко, изрази убедување дека и покрај здравствено-економската криза, која ја засегна нашата држава, како и останатите држави во светот, Владата што тој ја предводи останува фокусирана на создавање услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и стабилно општество и внатрешна кохезија.
„Ние сме на пат од кој нема враќање. Потрошивме премногу време на конфликти наместо на решавање на истите. Придобивките на нашата работа ги чувствуваат сегашните и ќе продолжат да ги живеат следните генерации. Со секој чекор, со секое отворено поглавје во преговорите со ЕУ, со секој решен проблем, работиме да го подобриме квалитетот на сите граѓани“, вели премиерот Заев во интервјуто за магазинот „CorD“, во кое одговара и на повеќе други прашања за регионот, за односите со соседите, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, за спроведувањето на Акциониот план за Договорот од Преспа со Грција, како и за најавениот економски, инвестициски план на Европската унија за Западен Балкан за кој се издвојуваат девет милијарди евра во следните шест години.
Линк до онлајн изданието на магазинот "CorD" (Целосното интервју на премиерот Зоран Заев е објавено од страна 8 до страна 11): https://cordmagazine.com/cord/