Прес-конференција на портпаролот на Владата Душко Арсовски: Со ребалансот на Буџетот македонските граѓани се уверија дека имаат држава што се грижи за нив

Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираше за одлуките донесени на вчерашната 17-та седница на Владата и во име на Владата го поздрави усвојувањето на ребалансот на Буџетот за 2020 година.

„Со ова македонските граѓани се уверија дека имаат држава која се грижи за нив, што е врвен приоритет на Владата. Пренасочени се финансиски средства во справувањето со здравствената криза за да се обезбедат на време вакцини, лекови и за зајакнување на здравствените капацитети, 470 милиони евра се издвоени за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки за економско заздравување и одржливост на домашната економија и за зачувување на работните места. Обезбедени се 54 милиони денари награда за здравствените работници кои се на првата линија во справувањето со пандемијата. Седумдесет милиони евра за субвенционирање на плати за 83.000 вработени за месеците октомври, ноември и декември. По 6.000 денари ќе добијат 283.000 наши сограѓани кои се најмногу погодени од кризата“, информираше Арсовски.

 
Тој, подетално информираше за вчера донесените одлуки од страна на Владата, за нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.
 
Мерките се однесуваат на кратење на работното време на угостителските објекти до 21:00 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна, со исклучок на угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид и хотелските ресторани за гостите кои се сместени во хотелите. Донесена е и одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21:00 часот и усвоена е препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Северна Македонија, после 21:00 часот да не се движат на јавен простор, доколку немаат важни и неопходни потреби, како и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, кои не живеат во иста заедница.

„На вчерашната седница беше разгледана Информацијата во врска сo регулирање на боледување на вработени лица заболени од КОВИД-19 како и вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, врз основа на која беше донесен заклучок министерствата и органите на државната управа при регулирање на овие прашања на вработените лица кои имаат симптоми или се заболени од КОВИД-19 и на лица кои се во изолација заради спречување на ширење на заразата, но се асимптоматични, а за кои е констатирано  дека се заболени од КОВИД-19, задолжително да побараат ИСР образец, односно боледување  согласно кој висината на надоместокот на плата за привремена спреченост за работа поради КОВИД-19 да изнесува 100 проценти од основицата за надоместок на плата“, соопшти Арсовски.

Тој додаде дека Владата ја прифати иницијативата, денот недела да биде прогласен за неработен ден и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 15 дена да достави законско решение за ова прашање.

Владиниот портпарол информираше и за прифатениот предлог на Министерството за здравство за потребата од дополнителна асистенција на припадниците на Армијата на Северна Македонија во обезбедувањето на болниците како дополнителна испомош на припадниците на Министерството за внатрешни работи и во координација со ова Министерство, за што е донесен заклучок за ова да се побара согласност од Претседателот на државата.

Арсовски се задржа и на утврдените предлог-закони за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, кој има за цел да ги уреди законските решенија во функција на поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од коронавирусот КОВИД-19 и зголемување на нивната ликвидност, како и предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, кој предвидува ослободување од обврската за плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година, со што ќе се придонесе за подобрување на ликвидноста на обврзниците на данокот на личен доход по основ на остварен доход од самостојна дејност и полесно справување со последиците од ширењето на коронавирусот КОВИД-19, во насока на имплементирање на донесените мерки од Пакетот 4 на Владата за справување со последиците од кризата со КОВИД-19. Исто така е усвоен и Предлог-закон со кој се обезбедува мерката за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, по скратена постапка, со кој се уредува начинот на распределување на финансиската поддршка на корисниците на истата преку постоечка трансакциска сметка или новоотворена трансакциска сметка во банка.

Портпаролот Арсовски ја информираше јавноста и за усвоениот Предлог за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се доуреди начинот на кој радиодифузерите и операторите ќе постапуваат во однос на странските програмски сервиси и почитувањето на авторските и сродните права. Во таа насока се предлага измена на членот 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и заради фактот што авторските права се регулирани со Законот за авторското право и сродните права.

„Владата донесе заклучок да ѝ препорача на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги до усвојување на предложените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да ја пролонгира примената на подзаконските акти што произлегуваат од ставовите 3 и 4 од член 143 од законот“, пренесе Арсовски.

„Во текот на денот, премиерот Заев ќе има телефонски разговор со канцеларката Меркел. Благодарни сме што претседавачот со Европската Унија засилено се залага за исполнување на заедничката цел, одржување на Првата меѓувладина конференција како почеток на преговорите на Северна Македонија. Ова е значаен сигнал за целиот регион и за кредибилитетот на ЕУ, што е во интерес на сите. Паралелно се одвиваат и контактите меѓу Министерствата за надворешни работни на Бугарија и Северна Македонија. Ова секако води кон поголемо разбирање, кон зајакнување на довербата и кон приближување на позициите“, рече портпаролот Арсовски одговарајќи на новинарско прашање, притоа оценувајќи дека  Договорот од 2017 година како добра рамка за разговорите да продолжат во насока на изнаоѓање на решенија со Бугарија.
 
Тој изрази уверување дека историските прашања кои се дел од заедничката историја можат да се решат низ Комисијата за историски и образовни прашања и дека решенијата ќе ги јакнат пријателството и соработката меѓу двете земји.
 
Арсовски го осуди секој вид на говор на омраза во двете земји и ги повикува сите чинители да го поддржат ваквиот апел, со цел заедничко спречување на нов наплив на омраза во кој било правец.

Портпаролот Арсовски прес-конференцијата ја заврши со апел сите граѓани да носат прекривки на носот и устата и да ги почитуваат препораките, верувајќи и на науката дека на тој начин се спречува ширењето на коронавирусот.