Во Црна Гора наскоро само со лични карти, најавија министрите Јанкулоска и Брајовиќ

Министрите за внатрешни работи на Република Македонија и на Црна Гора, Гордана Јанкулоска и Иван Брајовиќ, денеска потпишаа повеќе договори за заедничко работење на двете министерства меѓу кои најзначаен е Договорот за полициска соработка.

Македонија и Црна Гора се две пријателски држави кои немаат отворени прашања, а имаат многу заеднички интереси посебно кога станува збор за заедничката борба против корупцијата и криминалот, нагласи министерката Јанкулоска. Со Договорот за полициска соработка, подвлече Јанкулоска, ќе се овозможи поголема ефикасност при заедничките полициски операции и размената на информации кои се суштински за да бидеме успешни во борбата против криминалот.

Од големо значење, истакнаа Јанкулоска и Брајовиќ, се и потпишаните договори за соработка за време на туристичката сезона, за враќање на лица со незаконит престој и Протоколот за реадмисија.

Според црногорскиот министер Брајовиќ, со потпишување на договорите дополнително се потврдува досегашната исклучително добра соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи.

- Договорот за полициска соработка е важен затоа што ја официјализира желбата за искоренување на сите видови криминал, рече Брајовиќ, и додаде оти оваа конференција што се одржува во Скопје покажува дека досега е направено многу, меѓу другото во насока на осовременување и контрола на граничните премини.

Македонскиот и црногорскиот министер за внатрешни работи, Јанкулоска и Брајовиќ, најавија дека во тек е подготовката на законот за патување во двете држави со лична карта и најверојатно веќе од оваа туристичка сезона македонските и црногорските граѓани ќе можат да ги поминуваат границите со лични карти.

Инаку, во хотелот „Александар Палас“ денеска продолжува деветата Годишна министерска конференција за соработка на полето на граничната безбедност во Југоисточна Европа. Најавено е потпишување министерска декларација за соработка на полето на граничната безбедност 2012 година.

На дводневниот собир во Скопје учествуваат министрите за внатрешни работи на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и заменици-министри и високи функционери во МВР на Молдавија, Романија, Албанија, Чешка, претставници на ЕК, Еуропол, Фронтекс, челните луѓе на ДЦАФ, но и претставници на дипломатскиот кор во земјата од повеќе земји на ЕУ и од САД.