Министерот Ристовски најави зголемување на бројот на народни кујни и во руралните средини

Отворање нови народни кујни во руралните средини, како дел од проектот на Владата преку кој се обезбедува храна за лицата кои се изложени на социјален ризик, најави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски при денешната посета на Народната кујна која функционира во општината Центар.

- Ние како Влада одлучивме да го прошириме проектот и да почнеме да отвораме народни кујни во руралните средини, кои се оддалечени од централните градски подрачја. Со тоа на лицата во социјален ризик кои живеат во таквите средини би им се овозможил полесен пристап до храна. Очекувам дека на ваков начин ќе се зголеми опфатот на бројот на корисници и оти може да се постигне многу поголем квалитет при реализацијата на овој проект, рече министерот Ристовски.

Во текот на годинава планирано е да бидат отворени три народни кујни во рурални средини во општините Василево, Градско и Карбинци.

Министерот за труд и социјална политика информира дека во моментов функционираат 39 народни кујни во градски средини, чии корисници се повеќе од 3.700 граѓани.

Најголем број корисници на услугите на народните кујни, односно околу 1.200, рече, се на територијата на градот Скопје, каде функционираат народни кујни во шест општини.