Семејните бизниси економски двигател на повеќе земји во Југоисточна Европа

Семејните бизниси се од големо значење за развојот и конкуретноста на економијата на една држава, но за нивно успешно пренесување од генерација на генерација потребно е да се воспостави систем кој ќе овозможи визијата од основачот да се пренесе на неговите наследници.

Ова беше истакнато на денешната меѓународна трибина „Успешно менаџирање на наследувањето на семејните бизниси“ што го организираше Универзитетот Американ Колеџ и академската мрежа за претприемништво и иновации на универзитети од Југоисточна Европа „Решица“.

Според Македонка Саздова од Универзитетот Американ Колеџ, пренесувањето на семејните бизниси во Македонија е во зачеток, но е од голема потреба со оглед на демографијата на малите и средните претпријатија.

- Она што е важно да се каже за семејните бизниси и нивните потреби на наследување се начините како една визија да се пренесе од основачот на неговите наследници, да се избере соодветна стратегија за да се одговори на современите текови, вели Саздова.

Министерот за економија Ваљон Сарачини, кој се обрати на трибината, рече дека Владата дава посебно значење на претприемништвото и иновациите и во тој контекст го спомена формирањето на Комитетот за претприемништво и програмата за поддршка на малите и средните претпријатија.

- Според голем број студии, семејните компании имаат подобри перформанси од компаниите кои не се во семејна сопственост како во поглед на продажбата така и во поглед на профитот и другите мерки на раст, истакна Сарачини.

Јака Вадњак, долгогодишен истражувач на семејните бизниси во Словенија и професор на ГЕА колеџот за претприемништво од Љубљана смета дека пренесувањето на овој вид бизнис треба да биде заеднички проект меѓу старата и младата генерација.

- Важно е да се воспостави систем за да може бизнисот да се пренесува од генерација на генерација. Пренесувањето на семејниот бизнис на следната генерација треба да биде заеднички проект меѓу старата генерација која треба да биде подготвена да замине и новата генерација која треба да се обучува за да биде подготвена да го преземе бизнисот, нагласи Вадњак.

Во земјите од Европската унија е проценето дека постојат околу 17 милиони компании кои го имаат карактерот на семејни компании и кои вработуваат околу 45 милиони луѓе. Во САД околу 150 најголеми семејни компании вработуваат речиси шест милиони луѓе. Третина од овие компании котираат и на берзата.