Кампања за скрининг за карцином на грло на матка од април

Од 1 април Министерството за здравство започнува кампања за организиран скрининг за карцином на грло на матка со кој постепено, во текот на наредните три години ќе бидат опфатени сите жени на возраст од 24 до 60 години. Паралелно со ова Министерството за здравство почнува и кампања за информирање на сите жени да изберат матичен гинеколог.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција соопшти дека веќе од 1 април почнува дистрибуцијата на првите покани до жените, најнапред од 24 до 35 години како приоритетна група. Матичниот гинеколог со покана на домашна адреса ја повикува жената да направи ПАП-тест кој ќе биде бесплатен. Најнапред ќе бидат повикувани жените од 24 до 35 години кои досега не направиле воопшто ПАП-тест, а потоа согласно Акцискиот план за скрининг на карцином на грло на матка, кој е во подготовка, во следните две години ќе бидат опфатени и жените од 36 до 60 години.

- Преку Програмата за рано откривање на малигни заболувања, со активности за организиран скрининг, секоја жена од оваа целна група има право на еден бесплатен ПАП-тест на секои три години, што впрочем е препорака и практика во европските земји, изјави министерот Тодоров.

ПАП-тестовите ќе се анализираат во сите овластени цитолошки лаборатории кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување. Скринингот ќе се одвива во координација со Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје. Тие ќе го следат текот на сите предвидени активности и ќе направат анализа на доставените цитолошки резултати.

Годишно за оваа програма се предвидени 11 милиони денари, односно се предвидува да се поканат 100.000 жени и да се направат околу 25.000 ПАП-теста на ниво на цела држава. Доколку одѕивот биде поголем, вели Тодоров, ќе бидат направени дополнителни ПАП-тестови. 

Во изминатата година во четири општини - Штип, Прилеп, Гостивар и Свети Николе се реализираше пилот-скрининг и според резултатите, како што рече министерот, се покажа дека интересот за преглед со ПАП-тест бил согласно европските искуства.

- Повикани беа околу 20.000 жени, а ПАП-тест направиле 6.050. Кај 571 жена се пронајдени епителни абнормалности и тие се проследени на дополнителни испитувања, изјави Тодоров.

Министерот посочи дека во земјата има доста жени кои немаат избрано матичен гинеколог, а од друга страна има гинеколози кои ги имаат избрано за матични поголем број гинеколози.

- Тука има еден дисбаланс во системот. Тоа е практично што сакаме да го промениме односно да воспоставиме подобра балансираност со нудењето на здравствени услуги, рече Тодоров.