Во своето обраќање на пленарна сесија на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев ги издвои како особено значајни декларациите за Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан и како нови можности и предизвици за земјите од Берлинскиот процес.
Премиерот Заев, како ко-домаќин на Самитот заедно со бугарскиот премиер Борисов, истакна дека во овие невидени времиња заради пандемијата со КОВИД-19, имаме извонредна можност заеднички да поразговараме за визијата за нашиот регион во наредните години благодарение на новите стратешки документи подготвени за време на ко-домаќинството на Северна Македонија и Бугарија – Акцискиот план за заеднички регионален пазар, како и со Економскиот и инвестициски план и Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан.
„Влегуваме во нова фаза на економски раст и на нашата регионална економска соработка за да се сообразиме со процесот за пристапување кон ЕУ и за нашето идно учество на единствениот пазар на ЕУ. Во овој контекст, преку воспоставување на рамка и преку дефинирање на конкретни активности во сите области на четирите слободи на ЕУ, збогатени и со дигиталниот, инвестицискиот, иновацискиот и индустрискиот столб, новиот Акциски план за заеднички регионален пазар обезбедува солидна основа во таа насока“, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека Акцискиот план за заеднички регионален пазар ќе ја унапреди регионалната трговска размена на стоки и услуги, движењето на луѓе, капитал и знаење, и ќе ги отстрани сите постоечки бариери за тоа дополнително со надградување на процесот на дигитализација, на инфраструктурата, со подобрување на конкурентноста на секое од стопанствата на земјите од регионот, како и со подобри вештини преку подобрено образование, истражување и иновации и зелен развој.
Друг многу важен дел од идната визија за Регионот, рече Заев, е неговата зелена трансформација, и во таа насока Зелената агенда е јасен сигнал и чекор напред за поблиска интеграција на Западен Балкан во политиките на ЕУ за животната средина.
„Ќе треба да соработуваме поблиску во остварувањето на поамбициозни цели во кружната економија, одржливото земјоделство и производство на храна, и во биоразновидноста. Европската Унија јасно ја дава својата поддршка за зелена и дигитална транзиција на Западен Балкан. Сето ова треба да доведе до одржлив економски раст и креирање на работни места бидејќи Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда, заедно со Економскиот и инвестициски пакет на ЕУ претставуваат, креираат синергија со силна политичка порака, којашто ќе му помогне на Регионот на својот пат кон пристапување кон ЕУ“, потенцираше премиерот Заев во своето обраќање на пленарната сесија на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија, и додаде дека за успехот на овие иницијативи се неопходни континуираните суштински реформи во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата и организираниот криминал, функционирањето на демократските институции и јавната администрација.
На пленарната сесија со свои обраќања се вклучија шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан, претседателот на Франција Емануел Макрон, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, премиерот на Италија Џузепе Конте, премиерот на Полска Матеуш Моравјецки, министерката за европски прашања и Устав на Австрија Каролина Едштадлер, премиерот на Словенија Јанез Јанша, министерката за европско соседство и Америка на Обединетото Кралство Венди Мортон, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеф Борел, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји, како и највисоките претставници на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на Светска банка, на RYCO, и на СЗО за Европа.