Ивановски пред охридската бизнис-заедница ја претстави четвртата фаза од проектот „Регулаторна гилотина“

Министерството за информатичко општество и администрација денеска пред охридската бизнис заедница ги претстави активностите од четвртата фаза од проектот „Регулаторна гилотина“ насочен кон микро, малите и средни претпријатија.

Ресорниот министер Иво Ивановски истакна дека овие контакти со приватниот сектор и претставници на малите и средни претпријатија се шанса да се продискутира за предизвиците со кои се соочуваат таквите компании, да се чујат сите нивни проблеми, препораки и забелешки.

- Тука сме доколку е потребно да се направи некоја измена во легислативата и да се пренесат препораки до Владата, а до крајот на првиот квартал на годинава сите собрани податоци да ги доставиме до надлежните институции, како и да се изготви акциски план за регулаторната гилотина – Четврта фаза, рече Ивановски.

Тој нагласи дека државата за спроведеното во претходните три фази од страна на Светската банка неколкупати е наградувана и сместена меѓу петте најдобри реформатори.

- За нас тоа е предизвик и можност како институција што го презеде проектот од Министерството за економија, да докажеме и да се слушнеме со граѓаните за да видиме што се е неопходно за подобрување на условите за бизнис во земјата, истакна Ивановски.

На средбата во Охрид присуствуваа и претставници на стопанските комори, предводени од извршниот диркетор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов.

- Контактите со коморите извонредно функционираат, соработуваме, постојано нивни претставници ја следат легислативата и тие, како и сите заинтересирани можат преку новиот систем ww.ener.gov.mk да ги коментираат законите додека се во драфт-верзии, односно пред истите да влезат во процедура, додаде Ивановски.

Алексов во име на стопанските комори истакна дека тие ја поддржуваат оваа активност на Министерството за информатичко општество и јавна администрација, односно спроведувањето на четвртата фаза од Регулаторната голотина.

Потсетувајќи дека малите и средни претпријатија немаат свои посебни правни служби и оттаму не можат да ја следат секојдневната промена на законската регулатива, Алексов изрази уверување дека токму оваа чеврта фаза од проектот Регулаторна гилотина ќе придонесе за полесно функционирање на малите компании и микро претпријатија, преку отстанување на оние административни бариери што го кочат нивниот развој.

- Станува збор за одредена хармонизација на процедури помеѓу институции, размена на документи, полесно добивање документи одобренија и лиценци за кус временски рок потоа формирање едно национално тело во рамки на Минситерството каде тие бизнисмени ќе можат да добијат информациии за одредена проблематика. Цениме дека овој начин како и енер-системот и контактите преку Коморите, малите и средни претпријатија ќе можат пред Министерството да ги кажат своите проблеми какоби се нашло соодветно решение, додаде Алексов.

Четвртата фаза од Регулаторната гилотина покрај надминување на административните бариери со кои се соочуваат компаниите, има за цел да овозможи и намалување на притисокот врз работењето на фирмите во услови на криза и поттикнување на претприемачите кон основање и водење сопствен бизнис.