Фуле: Иднината на Македонија е во ЕУ, реформите да продолжат
Она што го започнуваме денеска е сеопфатен процес, активна политика на дијалог меѓу нас и е инклузивна рамка за реформите кои ќе бидат во корист за сите граѓани. Со овие зборови еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска во Скопје го отвори пристапниот дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и Македонија, а со кој копретседава и премиерот Никола Груевски.
Тој потенцира дека Европската комисија е убедена дека иднината на Македонија е во Европската унија.
- Сакаме да работиме заедно со вас за вашето членство во ЕУ да стане реалност. Ве уверувам дека сум посветен на поддршка на вашиот реформски процес. Убеден сум дека вашата иднина е во ЕУ и дека заедно можеме да оствариме реален одржлив и видлив напредок во реформите и приближувањето кон ЕУ, рече Филе.
Премиерот Груевски од своја страна подвлече дека Владата има силна политичка волја да продолжи да испорачува резултати во реформите во сите области и оти се надева дека тоа ќе биде валоризирано во извештајот за напредокот на земјата за 2012 година.
- Уверен сум дека пристапниот дијалог на високо ниво ќе биде една корисна алатка за динамизирање на македонскиот пат за пристапување кон ЕУ и дека ќе даде поголема видливост на европската перспектива и припадност на Република Македонија, подвлече Груевски.
Тој посочи оти целта е почнување на пристапните преговори што е можно поскоро оваа година.
- Свесни сме дека тоа нема да се случи преку ноќ. Не чека обемна работа и затоа со овој дијалог ќе дадеме нов поттик на евроинтеграциите, не со цел да ги супституираме пристапните преговори, туку да ги искористиме како мост до преговорите кои неизбежно ќе дојдат, рече премиерот Груевски.
Петте клучни области кои заеднички се усогласени, а се прифатени со дијалогот на високо ниво, се владеење на правото, јавната администрација, слобода на медиумите, изборната легислатива и функционална пазарна економија. Покрај заеднички Акционен план, ќе бидат формирани работни групи, а ќе се организираат и експертски состаноци за петте клучни области.
На состанокот присуствуваа повеќе министри од Владата од ресорите во посочените серии од реформите, како и претставници на Делегацијата на Европската комисија во Скопје.
Еврокомесарот Штефан Филе денеска во Скопје ќе има средби со вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи, со лидери на политички партии, како и со претставници на граѓанското општество.