Груевски: Мерките на Владата во туризмот даваат резултати
Последниот податок дека во јануари е забележано 20 проценти пораст во туризмот во однос на истиот месец минатата година, е добар показател кој покажува дека мерките што Владата ги презема последните месеци, односно последните година - две, кога позајакнато е фокусирана на туризмот, дава резултати, оцени денеска премиерот Никола Груевски.
- И минатата година беше доста поуспешна од претходната со 35 отсто зголемување на бројот на ноќевања и 30 отсто зголемување на финансикиот обрт во туризмот. Само во јануари оваа година веќе имаме на веќе зголемената 2011 година ново зголемување од 20 отсто во однос јануари оваа со јануари минатата година. Тоа покажува дека сме на добар пат и дека треба да продолжиме со спроведување на Стратегијата и Акциониот план што Владата го има, рече Груевски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на Лабораторија за дигестивна ендоскопија инсталирана на Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија.
Тој потстети дека од септември минатата година формиран е и специјален Комитет за развој на туризмот во Македонија со кој лично претседава во кој се вклучени голем број луѓе како од државниот така и од приватниот сектор кои работат на Акциониот план изготвен на база на таа стратегија.
- За секоја одделна точка, односно акција што треба да преземе државата има рок, носител и има буџет и се обидуваме се што е предвидено, чекор по чекор, некои актиовности веднаш да ги исполниме, некои зарадио сложеноста потребни се година, две или три. Но, секоја од нив ги туркаме маскимално брзо што може. Македонија има голем потенцијал за туризмот. Тој во минатото не беше докрај искористен, не е ниту сега иако е значајно зголемен, меѓутоа ќе работиме на тоа оваа гранка да станува стратешка гранка во Република Македонија во иднина, рече премиерот Никола Груевски.