„Јавно-приватниот дијалог е континуиран процес и со редовните месечни средби помеѓу Владата и стопанските комори креираме најдобри решенија и создаваме услови за побрз и одржлив економски развој“, потенцираше во своето воведно обраќање заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на редовниот состанок на Комисијата за јавно-приватен дијалог, која произлегува од Меморандумот потпишан помеѓу Владата и четирите стопански комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог.
На овој состанок покрај вицепремиерот Битиќи, присуствуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, претставници од министерството за економија, како и претседателите на стопанските комори: Бранко Азески (Стопанска комора на Макеоднија), Данела Арсовска (Сојуз на стопански комори), Неби Хоџа (Стопанска комора на северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (МАСИТ).
На денешниот работен состанок, во име на сите членки на Платформата, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа достави ажуриран и синтетизиран преглед на барања и прашања од компаниите-членки на коморите, до Владата и надлежните институции, кои се важни за нивното нормално функционирање.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата е партнер на стопанството, сите отворени прашања ќе се дискутираат, а за секое барање ќе се спроведат соодветни анализи и преку инклузивен и транспарентен процес, со меѓусебна координација и консултација на јавниот и приватниот сектор, ќе се донесат најдобрите можни решенија кои ќе обезбедат подобра бизнис клима и услови за побрз економски раст.