Бочварски: За следната година инвестираме 4 милијарди денари во железницата, гасификација, водоводи и канализации, локални патишта и други капитални проекти

Буџетот за 2021 година на Министерството за транспорт и врски е развоен буџет во кој најголем дел од проектираните средства или 83 проценти се расходи наменети за капитални проекти. Со Буџетот планираме да обезбедиме високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и станбената изградба, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната прес-конференција на која го презентираше предлог Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2021 година.

Предлог Буџетот на Министерството е позициониран на ниво на 5 милијарди и 306 милиони денари, од кои 4 милијарди и 404 милиони денари се наменети за капитални проекти.

„Република Северна Македонија се наоѓа во фаза во која се неопходни крупни инвестиции во инфраструктурата како предуслов за закрепнување и брз развој на државата. Од тие причини за 2021 година проектиравме Буџет кој реално ќе овозможи навремена реализација на сите капиталните инвестиции како и обезбедување на потребите на голем број на граѓани. Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 за што проектиравме 1 милијарда и 800 милиони денари. Силен фокус ќе дадеме на доизградба на магистралните гасоводи како важен сегмент за одржување на економската стабилност на домашното стопанство, за што планиравме 749 милиони денари. За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализации и водоводи во општините. За следната година веќе обезбедивме 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, многу значаен проект за подобрување на урбаното живеење. Она на што сум посебно горд како Министер и претходно како Градоначалник е што започнуваме со изградба на браната Отиња во Штип. За таа цел проектиравме 150 милиони денари за следната година”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Презентирајќи ги капиталните проекти, тој додаде дека за следната година предвидени се и 134 милиони денари за изградба на социјални станови, како и 114 милиони денари за проект за олеснување на трговијата за Западен Балкан.

Следната година во соработка со Град Скопје се отпочнува проект за брз автобуски превоз на градот каде Град Скопје е носител и имплементатор на проектот, а Министерството за транспорт и врски е овластен претставник за земјата за повлекување на средства од ЕБОР. За таа цел за 2021 година за оваа намена предвидени се 33 милиони денари.

Исто така со Буџетот планирани се и 69 милиони денари за финансиска поддршка за воведување на нови авиолинии.

„За да ги забрзаме сите овие капиталните проекти,  не само од ресорот Транспорт, туку и преку другите министерства, на централно ниво ќе се формира единица за надгледување и реализација на капиталните проекти се со цел да испорачаме високо ниво на нивна реализација.  Така на пример ќе бидеме обврзани во првото тромесечје да реализираме најмалку 15 % од планираните средства, второто тромесечје до 40 %, односно 65 % до третото тромесечје, согласно законот за извршување на Буџет за 2021 година. Така да очекуваме силна посветеност во реализација на сите планирани проекти”, истакна министерот Бочварски.

Тој додаде дека во соработка со ЈП за државни патишта продолжува инвестицискиот циклус во патната мрежа низ државата преку изградба на автопати и експресни патишта како и реконструкција на регионалната патна мрежа.

Презентација на Министерство за транспорт и врски за Буџет 2021