Министерката за образование и наука Мила Царовска учествуваше во работа на министерскиот состанок на Платформата за образование и обука, истражување и иновации на земјите од Западен Балкан, во организација на Европската комисија и германското претседателство со Советот на ЕУ, оваа година во виртуелен формат.
Во онлајн обраќањето, Царовска рече дека оваа иницијатива што сега станува реалност, овозможува регионот на Западен Балкан да стане дел од долгорочната стратегија на Европската комисија со што повеќето од предложените мерки и активности ќе бидат проследени со зголемени инвестиции и посилна поддршка од земјите-членки на ЕУ.
Нагласувајќи дека националните приоритети во областа на образованието и обуките се во согласност со приоритетите на Платформата, како што се Зелениот договор, дигитализацијата, создавањето работни места и инклузивноста, Царовска посочи дека главен фокус во следниот период ќе биде подобрувањето на квалитетот на образованието и поддршка да одговори на потребите на пазарот на труд, како и зајакнување на средното стручно образование. Исто така, ќе се вложува во обуки и кариерен развој на наставниците, во прилагодување и иновирање на системот на обука на наставниците, подобрување на наставните програми и инвестирање во регионалните центри за стручно образование и обука за млади лица како и за преквалификација и доквалификација на возрасни.
„Создавањето нови работни места и зголемување на можностите за вработување останува предизвик заради пандемијата, која за жал е широко распространета во нашата земја и во регионот. Затоа, процесот на континуирани реформи во средното образование, фокусиран на средното стручното образование, ќе продолжи и од голема важност е дополнителното финансирање во овој сектор. Трите регионални центри за стручно образование и обука ќе бидат отворени на почетокот на 2021 година“, рече министерката Царовска.
Подобрувањата во дигитализацијата на образованието и воспоставувањето соработка преку новиот акционен план за дигитално образование (ДЕАП) со балканскиот регион за периодот од 2021 до 2027 година, министерката Царовска ги најави како следни активности. Таа го искажа интересот за учество во новиот програмски циклус на Еразмус програмата и Европскиот корпус најавувајќи активно учество во процесот на развој на заеднички стандарди и процедури за признавање на академските квалификации и студии во странство.
Платформата за образование и обука, истражување и иновации на земјите од Западен Балкан ја стимулира, следи и поддржува соработката во истражувањето, образованието и иновациите меѓу земјите членки на Унијата, од Западен Балкан и други придружни земји на Хоризонт 2020. Годишните министерски состаноци овозможуваат идентификување на заедничките приоритети, споделување информации за најновите политики и мерки во делот на реформите како и одлучување по теми за регионална соработка со помош на ЕУ.