Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со Спасе Додевски - координатор со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и Христијан Стојанов, Вера Апостоловска и Кристијан Лазарев, претставници на лицата со попреченост преку видео запис го одбележаa 3 декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Премиерот Заев истакна дека е горд за силното темпо и огромните чекори кои се направени во претходниот мандат и за одржувањето на континуитетот во спроведувањето на најдобрите светски практики за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во сите области на социјалниот живот, во здравството, образованието и социјалната заштита.
„Воведовме право за надоместок за лица со интелектуална попреченост. Го зголемивме надоместокот за скратено работно време до 50 % од просечна плата. Секогаш ќе бидеме со овие наши сограѓани рамо до рамо и секогаш ќе бидат директно вклучени во процесите кои се за нив, според принципот „ништо за нив – без нив“, подвлече премиерот Заев и заклучи дека продолжува да се спроведуваат активности за подигање на свеста за потребите на лицата со попреченост.
Националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост Спасе Додевски истакна дека мерките и обврските кои произлегуваат од Конвенцијата се патоказ кон стимулативно рамноправно општество.