Премиерот Груевски се сретна со Македонците од Голо Брдо


Република Македонија ќе стори се што  може за да помогне да се подобрат условите за живот на етничките Македонци кои живеат во Албанија во соработка со властите во Тирана. Тие се лојани граѓани на Република Албанија и така треба да биде, но истовремено и како етнички Македонци ги негуваат традицијата, културата, јазикот и врските со Република Македонија. Ние од наша страна ќе се обидеме колку можеме да возвратиме на тоа.


Ова го истакна премиерот Никола Груевски за време на денешната посета на селото Требиште во областа Голо Брдо, Република Албанија, обраќајќи се пред локалното население. Тој посочи оти за подобрување на комуникацијата со локалното населени во пограничните области многу ќе помогне и патот од Џепиште до границата со Албанија кој денеска беше пуштен во употреба од македонската страна на границата.


- Со тој пат што денеска го пуштивме  во употреба од Џепиште до граница со Република Албанија, практично им скративме многу маки на многу луѓе што поминувале по тој пат, а коишто со години барале тој да биде направен. Многу пати им било ветувано, но не им било остварено. Ние тоа го ветивме и тоа го направивме, рече Груевски. 


На средбата што тој ја имаше со претставници на партијата Македонска алијанса за европска интеграција и локалните власти, станало збор за потребите од подобрување на условите за живот на етничките Македонци кои живеат во областа Голо Брдо, особено во делот на патната инфраструктура, образованието и здравствената заштита. Особен интерес од локалното население бил изразен за можноста за добивање стипендии за да можат младите да се школуваат на некои од универзитетите во Република Македонија.


Груевски најави дека за време на претстојната посета на албанскиот премиер Сали Бериша на Македонија ќе побара од него да обрне повеќе внимание на овој дел, да се изградат патишта и да се решат повеќе проблеми на граѓаните.


- Ние ќе правиме се да ги зајакнуваме врските и меѓу двете држави, но и меѓу народот што живее погранично. Јас знам дека многу од вас доаѓаат во Република Македонија многу често. Дури и многу од вас пазаруваат во Дебар затоа што им е многу поблиску и повеќе им одговара отколку во некои други градови во Република Албанија, но и дека има и многу склучени бракови, мешани бракови меѓу оние што живеат од едната и од другата страна на границата и дека имаат потреба за подобра комуникација, потреба за подобра инфраструктура. И во иднина ќе настојуваме колку што можеме да помогнеме да се зајакнуваат тие врски, се разбира заедно со Владата на Република Албанија и со премиерот Бериша, рече Груевски.


Во рамки на посетата, премиерот Груевски, присуствуваше на час по македонски јазик за децата од Голо Брдо, кои за оваа прилика приредиле  кратка презентација и рецитал.


Во македонската делегација, предводена од премиерот Груевски, беа и министрите за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за локална самоуправа Невзат Бејта, заменик министерот за надворешни работи Зоран Петров и македонскиот амбасадор во Албанија Веле Трпевски.


Пред неколку месеци премиерот Никола Груевски го посети Пустец, каде исто така живеат голем број етнички Македонци.