Премиерот Заев: Апелирам на европски вредности, меѓусебно разбирање и пријателство, а воздржаност од говор на омраза од двете страни

„Говорот на омраза за жал е подигнат од двете страни, и уште еднаш ја користам приликата да апелирам  до сите. Ние сме прво кроток и добар народ и се сме пријатели. Прво до нашите граѓани дека должност ни е да градиме пријателства, и заради сегашните и заради идните генерации“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на новинарско прашање за пројавите на говорот на омраза на релација меѓу Северна Македонија и Бугарија поставено на настанот по повод реализираното во првите 100 дена на актуелната Влада.

Премиерот Заев упати апел и до граѓаните на пријателска Бугарија да се воздржат од било какви провокации затоа што тоа никому не му носи добро. Воедно истакна дека пријателствата се благодат и дека низ призма на пријателството сите ќе не почитуваат повеќе и во регионот и во Европа.

Претседателот на Владата истакна дека како одговорни политичари постојано работат на спречување и демотивирање на вакви процеси.

„Не само заради тоа што чекаме од Бугарија да го тргне ветото . Туку и затоа што тоа не е добро за нашиот народ. Ние сакаме низ пријателство да развиваме инвентивност, идеи, нови инвестиции, и наши во Бугарија и бугарски овде, коишто ќе отвораат работни места, ќе ги покачуваат платите, коишто ќе овозможат средношколски турнири во фудбал, одбојка, ракомет, кошарка и во сите спортови, каде ќе се пренесува знаењето и меѓусебното разбирање и поддршка. Тоа е тоа што ни треба, тоа е европскиот пат. А ние знаеме дека друг пат не постои“, истакна премиерот Заев.

Во однос на навредите упатени од страна бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов кон македонскиот дел од Мешовитата историска комисија, како и од страна на некои бугарски историчари кон македонскиот народ, премиерот Заев истакна дека на сите навреди јавно се реагира и секогаш ќе се продолжи да се реагира.

„Ова е навреда и нормално дека ги повредува нашите чувства. Секако остануваме на апелот да се воздржуваме од провокации и навреди заради тоа што навистина тоа не нѐ носи никаде. Тоа не носи повторно во изолација едни со други, во непријателства и слично. 21 век сме, трета деценија. Борбата во светот е на друг план, на 4-та индустриска револуција, на технолошки развој и навистина како европски политичари, како политичари коишто градиме пријателство мораме да ги користиме зборовите на пријателство“, истакна претседателот на Владата.

Воедно премиерот Заев нагласи дека и во Република Северна Македонија и во Република Бугарија мнозинството од граѓаните ги поддржуваат процесите кои градат пријателство и соработка, европските вредности кои носат просперитет за сите.