Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, претседаваше со Националниот инвестициски комитет на кој заедно со ЕУ амбасадорот Дејвид Гир, во воведните обраќања ја истакнаа важноста од имплементација на проектите предвидени во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија, како и единствената листа на инфраструктурни проекти.
На состанокот се направи ревизија на единствената листа на проекти за да се утврди кои од нив соодветствуваат со Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за Западен Балкан во рамките на новиот инструмент за претпристапна помош наречен ИПА III.
Премиерот Заев, на средбата подвлече дека Економскиот и инвестицискиот план е од големо значење, а дополнително како земја стекнавме огромно искуство со користење на средства преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
„Средствата ќе бидат насочени за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција како и развој на човечки ресурси за да се обезбеди одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој и закрепнување на регионот. Досега се реализирани преку 23 проекти во вредност од околу 2,1 милијарди евра грантови и заеми во Република Северна Македонија. Верувам дека Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, ќе даде силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, поддршка на зелена и дигитална транзиција и поттикнување на регионална интеграција кон Европската Унија. Националните институции, присутни на состанокот, ќе работат со голема посветеност, во согласност со нивните надлежности со цел да се искористат расположливите средства. Посветени сме на доброто управување што е основа за одржлив економски раст. Нашиот фокус е насочен кон поттикнување на економијата и инвестициите со спроведување на основните реформи во согласност со европските вредности“, рече Заев.
Свои излагања имаа и Никола Димитров, вицепремиер за евроинтеграции и Фатмир Бесими, министер за финансии. Вицепремиерот Димитров посочи на идните планови на Владата во поглед на имплементација на проектите во приоритетните 5 области: транспорт, животна средина, енергетика, социјална и дигитална трансформација, токму во периодот на транзиција од ИПА II кон ИПА III, кога се разгледува и агендата за капитални инвестиции во согласност со новините во ИПА III и Економскиот инвестициски план.
„Се одлучивме за покредибилна, подинамична и попредвидлива инвестициска агенда со зајакнато политичко управување, со цел да создадеме отпорна економија на предизвици како пандемијата, економија која ќе има сила да се избори со ненадејните удари, но и одржлива, социјално праведна и неутрална во однос на климатските промени“, истакна Димитров, додавајќи дека „овие предизвици ќе ги надминеме со зајакнати напори во спроведувањето на структурните реформи, надминување на структурните слабости и зајакнување на конвергентноста во овие тешки времиња.
Министерот Бесими, посочи дека имаме добра можност да имплементираме значителен дел од нашиот план за јавни инвестиции преку Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, кој има за цел да стимулира долгорочно закрепнување.
„За да ги искористиме придобивките од овој план, поддржан од ИПА III, и за да се обезбеди одржлив економски раст - треба да ги спроведеме реформите од економскиот и финансискиот дијалог со ЕУ под програмите за економски реформи (ERP), препорачани во годишниот пакет за проширување. Покрај тоа, дијалогот за ERP треба да обезбеди важни насоки за инвестициски одлуки според Економскиот и инвестициски план и внимателно планирање и приоритизирање на ресурсите“, рече Бесими.
Презентација на своите секторски приоритетни проекти имаа министрите за транспорт и врски, економија, животна средина и просторно планирање, земјоделство, шумарство и водостопанство, информатичко општество и администрација, труд и социјална политика, образование и наука, здравство и правда. Онлајн присутни на состанокот беа и претставници на Владата, амбасадорите на ЕУ, високи претставници од меѓународните финансиски институции, билатералните партнери и донаторската заедница со постојана мисија во Северна Македонија.
Националниот инвестициски комитет е советодавно тело во кое на транспарентен начин се рангирани стратешки проекти, пред сè во делот на инфраструктура, енергетско и транспортно поврзување на земјите од Западен Балкан и ЕУ, заштита на животната средина, социјалната и дигиталната инфраструктура, како клучен фактор за раст и отворањето на нови работни места во регионот.