Одделот за неонатологија на Клиниката за детски болести е целосно реновиран од компанијата Макстил и набавена е потребната опрема и апарати. Станува збор за реконструкција на простор од 400 метри квадратни, како и набавка на опрема за фототерапија, со што се овозможува подобро функционирање на одделот, кој е единствен од ваков тип во државата. Донацијата е во висина од 35 илјади евра.
„Би сакал да изразам благодарност до Макстил и раководството, кои покажаа голема општествена одговорност и ги понудија своите капацитети и ресурси да помогнат на еден од најспецифичните делови во јавното здравство, а тоа е на Универзитетската Клиника за детски болести, одделот за неонатологија. Тоа е оддел кадешто бебињата се сместуваат по раѓањето, ако треба еден одреден престој во одделението за интензивна нега и кадешто има услови за поинтензивно лекување, се до конечното закрепнување. Оваа институција со години наназад е позната по својата експертиза, по своето реноме. Сега овој оддел е целосно обновен благодарение на компанијата Макстил, а верувам дека соработката ќе продолжи и во иднина“, потенцираше министерот за здравство Д-р Венко Филипче.
Со донацијата се овозможува поефикасно функционирање на одделот за предвремено родени деца со потешкотии, а сите градежни работи како и инсталацијата на опремата и апаратите се извршени согласно стандардите за работа на здравствени установи.
„Оваа донација оди на место каде има навистина потреба од помош. Со ова, ја потврдуваме нашата определба како општествено одговорна компанија. Макстил како покровител на Одделот за неонатологија при Клиниката за детски болести, за овој проект изврши комплетно реновирање на 400 метри квадратни и изврши набавка на целокупната опрема и апарати. Целта на оваа донација беше да ги подобриме условите во ова одделение за да може да може да функционира беспрекорно. Нашата донација беше насочена во овој дел, за да им дадеме шанса на малите борци да ја издвојуваат првата битка во животот“, рече Иван Бановски, генерален директор на Макстил.
Благодарност до Макстил за донацијата изрази и директорката на Клиниката за детски болести д-р Аспазија Софијанова.
„Со донацијата се направени обемни реконструкциски зафати и се опфатени суштински делови, кои значително ќе ги подобрат условите и капацитети на грижата за новороденчињата. Во делот на неонаталогија секогаш има потреба од подобрување и нова современа опрема, бидејќи сме единствен оддел во земјава каде се примаат предвремено родени деца со компликации. Веруваме и се надеваме дека оваа донација од Макстил е само почетокот на она што треба како активен однос и вистинска општествена одговорност да потекне од бизнис секторот,“ изјави д-р Софијанова.