Владата на Република Северна Македонија вечерва ја одржа редовната 33-та седница на која е утврден текстот на Анексот на Договорот за концесија склучен помеѓу Република Северна Македонија и ТАВ Македонија ДООЕЛ, со кој практично е ставена во функција одлуката за распределба на средствата што беа предвидени за карго аеродром во штипско и со која финансискиот износ за таа намена сега се пренаменува за 99 инфраструктурни проекти за 75 општини во државата, како и за проширување на капацитетите на аеродромските згради во Скопје и Охрид.
На седницата што се одржа вечерва Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец декември 2020 година, и го задолжи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25.12.2020 година за да се обезбеди пензионерите да може да располагаат со декемвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 28.12.2020 година.
Владата им препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплата да се изврши на 28.12.2020 година (понеделник);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплата да се изврши на 29.12.2020 година (вторник);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплата да се изврши на 30.12.2020 година (среда), и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 31.12.2020 година (четврток).
На оваа своја седница Владата го утврди и го достави на усвојување во Собранието текстот на Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, со кои се гарантира правото на жалба во областа на управна постапка и постапка од работен однос и правото на жалба во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Основна цел на предложените дополнувања е поедноставување на системот на одлучување по жалби, преку намалување на институциите кои одлучуваат по жалби, со поедноставена административна постапка, преку унапредување на организацијата на работата на Комисијата, со одлучување во совети во жалбените постапки.