Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска потпиша Договор за грант со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, согласно проектот за изградба на нови, надградба или адаптација на постоечките објекти за згрижување и воспитување на деца на предучилишна возраст во општините.
Договорот за грант со општина Битола се однесува за изградба на нов објект како дел од Јавната установа за згрижување на деца од предучилишна возраст „Мајски цвет“ од Битола, со површина од 810 м2 и максимален капацитет од 152 деца, организирани во осум воспитни групи.
„Како Министерство но и како Влада продолжуваме со политиките на отворање на нови места во градинките со цел поголем опфат на деца во нив. Предучилишното образование претставува првиот чекор со кој што дечињата влегуваат во системот, почнуваат да ги стекнуваат основните навики, се дружат, учат и притоа низ целиот процес ги водат стручни компетентни кадри,“ истакна министерката Шахпаска.
Таа потенцираше дека од почетокот на мандатот до сега отворени се 6 нови градинки со опфат на 416 деца, во финална фаза се уште 4 градинки со капацитет од 200 деца, а во тек на изградба се 15 нови градинки кои ќе опфатат нови 1900 деца.
„Остануваме посветено да работиме на крајната цел, зголемувањето на процентот на опфат на деца во предучилишните установи на 60 отсто, односно дополнителни 7500 деца во градинките до крајот на мандатот,“ потенцираше министерката Шахпаска.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска ја истакна одличната соработка на локалната со централната власт, за што потврдува и оваа капитална инвестиција во вредност од 48 милиони денари или 56 милиони денари со вклучен ДДВ.
„Најсуштинската инвестиција е насочена кон нашите млади, кон нашата иднина, децата,“ потенцираше градоначалничката.