Со почетокот на календарската 2021 година за прв пат во Република Северна Македонија започнува и имплементацијата на законска одредба наменета за наставниците за кариерен напредок во звања – „ментор“ и „советник“, што подразбира и стекнување на дополнителен паричен надомест, како дел од личниот доход од работниот ангажман.
Се работи за право кое произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, креиран како дел од Планот за темелна реформа на националниот образовен систем иима за цел да влијае на личната мотивација на наставниците за работа и да придонесе за подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност.
Првиот јавен повик за наставници од основните училишта за напредување во звање „ментор“ е објавен на следниот линк. Повикот предвидува конкретни квоти за секоја општина, односно колку најмногу наставници во текот на оваа календарска година можат да напредуваат восоодветното звање.
За да се пријави еден наставник на повикот, потребно е да исполнува неколку услови, односно да има најмалку 7 години работни искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор.
Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку порталот www.karierenrazvoj.mon.gov.mk, каде во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови. Крајниот рок за аплицирање е 21 јануари 2021 година, а резултатите од повикот ќе бидат објавени најдоцна до 10 февруари 2021 година.
Министерството за образование и наука ги повикува сите наставници од јавните основни училишта да го разгледаат повикот и доколку ги исполнуваат условите за аплицирање, да ја поднесат својата пријава во предвидениот рок, за да го остварат своето законско утврдено право за напредување во звање „ментор“, а со тоа и да си обезбедат повисок личен приход.