Адеми: Македонија напредува во справувањето со климатските промени
Република Македонија напредува на полето на намалување на климатските промени и прилагодување на најранливите сектори, се наведува во заклучоците на повеќе документи, како и вона последниот извештај за напредокот на земјата во таа област.
Ова денеска го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на завршната презентација на резултатите на проектот „Заштита на здравјето од климатските промени – иницијатива на седум земји“. Тој посочи дека потребна е повеќе секторска вкрстена анализа на влијанијата на климатските промени, подобро разбирање на социо-економските аспекти, јакнење на националните капацитети за спроведување проценки на трошоците и придобивките на различни опции за адаптација итн.
Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека Македонија е лидер со имплементација на Акцискиот план за топло време односно за спречување на последиците од тоа, а се изработува и Акциски план за студено време.
- На овој начин Македонија ќе биде веројатно единствена земја во регионот која ќе ги има развиено двата типа акциски планови кои ќе овозможат спречување на негативни последици по животот и здравјето на граѓаните, истакна Тодоров.
Според претседателот на Комисијата за климатски промени и здравје при Министерството за здравство, Владимир Кендровски, Македонија е веќе во климатски промени и проектот „Заштита на здравјето од климатските промени – иницијатива на седум земји“ имаше за цел да ги детектира ризиците.
- Утврдивме дека сме под ризик од нови болести и временски екстреми како што се поплави, суши, топлотни бранови, студено време, а тоа се всушност климатските промени. Нашите испитувања се дека во однос на смртноста, топлотните бранови се еден од клучните ризик временски настани кои можат да ги афектираат пред се старите лица, болните од хронични заболувања, посочи Кендровски.
Тој нагласи дека се утврдени гранични температури - над 30,8 степени за Скопје и со секој степен зголемување нагоре смртноста се зголемува за 4,8 отсто.
- Целта е да се зголеми свесноста, да се очекува дека ќе се појават болести, да ги зголемиме капацитетите на здравствениот систем, да го запознаеме населението и да го лекуваме. Испитувањата направени со Институтот за медицина на труд покажаа дека од 1996 година наваму постои континуирано зголемување на алергискиот ринит и тоа за три отсто, а сезоната на полен почнува две недели порано отколку што беше пред 10-15 години, додаде Кендровски.
Шефот на канцеларијата на Светската здравствена организација во Македонија, Марија Кишман рече дека Македонија е една од земјите која најуспешно, најнавремено и со најголема координација на останатите сектори го спроведе проектот.