Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираше за заклучоците и одлуките донесени на 41-та седница на Владата и одговори на прашања на новинарите.
Информирајќи за одлуките од вчерашната владина седница портпаролот Хоџа се задржа на Националниот план за КОВИД-19 вакцинација во Северна Македонија. Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани. Фазите ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.
Од останатите точки владиниот портпарол се осврна на одлуките кои се поврзани со рестартот на економијата, што се од исклучителна важност за државата, како и за подобар животен стандард на граѓаните и информираше дека за таа цел Владата ја донесе и Програмата за економски реформи 2021 - 2023 година, која до крајот на оваа недела ќе биде доставена до Европската комисија. За таа цел подготвен е план за реализација на сет на структурни реформи со однапред определени чекори кои треба да поттикнат долгорочен и одржлив економски раст за да се подобри квалитетот на живот на сите граѓани.
Портпаролот Хоџа наведе дека ова е период од годината кога во фокусот се годишните планови на државните претпријатија, при што информираше дека Владата ја одобри Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2021 година на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), која во делот на инвестициите оваа година има буџет повисок за 4.000.000.000 денари во однос на минатата година.
Тој истакна дека реализацијата на капиталните инвестиции е клучна алка во владиниот план за стабилизирање и рестарт на економијата, а бенефитите ќе ги почувствуваат сите граѓани.
Портпаролот се осврна и на владината одлука од сферата на заштитата на животната средина и информираше дека Владата донесе одлука да одобри вкупно средства во висина од 80.000.000 денари за решавање на проблемите на Дојранското Езеро и Преспанското Езеро.
Одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на Министерството за информатичко општество и администрација во полн состав и со полно работно време администрацијата да се врати на работните места, портпаролот Хоџа истакна дека на вчерашната седница не станало збор за ова прашање, бидејќи сè уште нема мислење од Комисијата за заразни болести за ова прашање.
Во однос на прашањата за имплементацијата на Преспанскиот договор, портпаролот Хоџа истакна дека Владата на Република Северна Македонија останува посветена на неговата целосна реализација, како и дека двете страни, македонската и грчката, имаат формирано комисии, кои интензивно работат на сите прашања.
Портпаролот Хоџа одговарајќи на новинарско прашање за заедничката владина седница со Република Косово, истакна дека првично предвидениот датум, 25 јануари, е одложен, поради политичката состојба во Косово. Тој информираше дека причина за тоа се предвремени парламентари избори во Косово, а по одржувањето на изборите и формирањето на институциите таму, двете влади дополнително ќе се координираат и ќе го одредат датумот.