Одржан состанок на Платформата за јавно-приватен дијалог - Презентирани се предлог економските мерки од петтиот сет, продолжува поддршката за стопанството и граѓаните

Согласно веќе воспоставената практика, за одржување на состаноци на Платформата за јавно-приватен дијалог кои се одржуваат секој месец, денеска во Владата на Република Северна Македонија, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши остварија средба со претседателите на четирите најголеми стопански комори (Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на Северозападна Македонија, Сојуз на стопански комори и МАСИТ), кои се дел од оваа Платформа.

На денешниот состанок, министрите Бесими и Бектеши извршија презентација на предлог економските мерки од петтиот пакет, поврзани со справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19. Министрите информираа дека во предложениот предлог се опфатени компании кои бележат загуби поради пандемијата, како што се компании од угостителската индустрија, туризмот, транспортни компании, компании за планирање и организација на настани, медиуми, тутунари, спортски клубови, а во мерките ќе бидат планирани бескаматни кредити со грант компонента за компаниите, даночни олеснувања за погодените сектори, царински олеснувања и усогласувања.

Во насока на одржување на добрата соработка помеѓу Владата, министерствата и стопанството, на состанокот се отвори дискусија за нацрт-економските мерки од петтиот пакет, при што присутните претставници на стопанските комори изразија задоволство и согласување со предлогот, а министрите Бесими и Бектеши потенцираа дека финалниот и усогласен сет на економски мерки, пред конечното објавување, уште еднаш ќе биде консултиран со сите засегнати страни и социјални партнери.

Предлогот на петтиот пакет, кој не е финално дефиниран, содржи околу дваесет мерки, кои се таргетирани да ги поддржат најпогодените сектори и граѓани од здравствената и социо-економската криза, со фокус на задржување на ликвидноста на компаниите и работните места, но и да ги стимулираат компаниите да продолжат да се развиваат и растат.