Министерот за здравство д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција, информираше дека во понеделник Министерството ќе го потпише договорот со Синофарм, кинескиот производител на вакцини против КОВИД-19, оваа одлука е донесена на синоќешната затворена владина седница. Филипче денеска го презентираше Националниот оперативен план за вакцинација, во однос на приемот, складирањето и дистрибуцијата на вакцината од кинескиот производител Синофарм која во нашата земја се очекува да стигне во февруари. На прес-конференцијата министерот го објасни и начинот на закажување за вакцинација, локациите на вакциналните пунктови, како и измените кои се направени во делот на приоритетните групи кои први ќе се вакцинираат.
Националната техничка работна група за КОВИД-19 вакцинација при Министерството за здравство, што го изготви Националниот план, во иднина соодветно ќе го ажурира согласно динамиката на пристигнување на вакцините во земјата, количините, типот на вакцината и спецификите на истата.
Вакцинацијата ќе се врши во постоечките вакцинални пунктови низ земјата. Вакцината на кинескиот производител Синофарм ќе стигне преку воздушен пат, а системот е подготвен да ги преземе вакцините од аеродром, складира и соодветно дистрибуира до вакциналните пунктови. Вакцината Синофарм се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени што го олеснува начинот на транспорт, чување и дистрибуција. Оваа вакцина ќе биде во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината. За вакцината Синофарм, термините за вакцинација во ЈЗУ-а ќе бидат на 10 минути, по пациент.
„На дневно ниво, од вакцината на Синофарм и со работа на пунктовите во полн капацитет очекувам да вакцинираме од 2000 до 2500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден, што значи дека од првата пратка имаме две дози за вакцина и ревакцина за 100.000 лица. Записот за спроведена вакцинација станува дел и од електронското здравствено досие на пациентот. По примерот на сите земји, вакцинираните граѓани ќе добијат соодветен сертификат за примена вакцина, но деталите за сертификатот ќе бидат дефинирани во следните денови“, рече Филипче.
Со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, први ќе се вакцинираат здравствените работници поделени по категории.
„Согласно планот први се вакцинираат сите лица од група 1а односно - Здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти од ковид центрите и од службите за итни состојби, од клиничките болници, јавни и приватни, од посебните институциите како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби. Во првата група се и матични лекари и друг здравствен персонал вработен во матичните ординации. Вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика, јавни и приватни. Здравствените работници, кои се на вакциналните пунктови, односно тимовите ќе ја спроведуваат вакцинацијата“, објасни министерот.
Здравствените работници од клиниките ќе се вакцинираат во кругот на клинички, тимовите кои ќе ја вршат вакцинацијата ќе се вакцинираат на пунктовите каде работат, останатите здравствени работници oд Скопје ќе се вакцинираат во поликлиника „Букурешт“. Здравствените работници од другите градови ќе бидат вакцинирани во здравствените домови во градот каде живеат и работат.
Со оглед на тоа што сега обезбедуваме поголема количина на вакцини, можност за вакцинација добиваат сите граѓани над 70 години и тие ќе можат да се вакцинираат по завршување на вакцинацијата на првата приоритетна група здравствени работници.
„Во втората фаза, се вакцинираат: лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 години, со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест. Здравствени работници ИЈЗ и ЦЈЗ, здравствени работници фармацевти, стоматолози и друг здравствен персонал, вработени во витални институции како полиција, војска, парламент, Влада, новинари и сл. Вработени во образовни институции и градинки со предност на оние кои одат со физичко присуство на работа. И во третата фаза се вакцинираат сите преостанати лица од повеќе групи: Вработени во други важни дејности, како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена и тн. Вработени во банкарски сектор, земјоделие и тн. Останати вработени во образование и во здравство со низок ризик на зараза. Лицата кои не може да одржуваат физичка дистанца (затвореници, студенти од домови, и сл). И на крајот, сите граѓани кои сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години“, рече Филипче.
Закажувањето на вакцинацијата ќе оди преку системот Мој Термин, како и преку онлајн апликација. Матичните лекари ќе добијат список од Мој Термин во кој влегуваат сите пациенти над 70 години. Лекарот сите тие пациенти ќе ги контактира поединечно преку телефон, за да ги праша дали сакаат да се вакцинираат.
„Доколку лицето сака да се вакцинира, матичниот го регистрира пациентот во Мој Термин и забележува на кој вакцинален пункт сака да се вакцинира пациентот, пунктот пациентот го избира сам. Потоа, системот Мој Термин ги закажува точниот датум и време за сите регистрирани пациенти, а матичниот лекар повторно телефонски ги известува своите пациенти за закажаниот термин“, рече Филипче.
Онлајн апликацијата е во подготовка, преку неа ќе може да се пријавуваат сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат. Со ваквиот начин на пријавување се скратува првиот контакт со матичниот лекар, но терминот за вакцинација повторно е преку националниот електронски систем Мој Термин и матичниот лекар.
„Со оваа онлајн регистрација се скратува првиот контакт од матичниот лекар кој го прашува пациентот дали сака да се вакцинира, матичниот лекар директно од системот е известен за регистрацијата на пациентот. Потоа на матичниот лекар му останува само вториот чекор, односно да го извести пациентот за точен датум и време откако системот Мој Термин ќе го додели. Иако сите граѓани може веднаш да се регистрираат за вакцина, тие ќе бидат повикувани односно ќе им бидат доделувани термини согласно тоа на која целна група ѝ припаѓаат. По здравствените работници од приоритетната група, први ќе бидат вакцинирани сите регистрирани пациенти од групата над 70 години“, изјави Филипче.
Вакцината Синофарм, е класичен модел на вакцина, добиена на технологија на ослабнување (инактивирање) на целиот вирус, постапка која се користи со децении за добивање на класични вирусни вакцини. Може да се дава на сите граѓани без ограничување, бидејќи има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста. Покрај вакцината Синофарм, имунизација во нашата земја ќе се врши и со вакцините на производителите Фајзер и Астра Зенка, и за овие вакцини здравствениот систем е подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Сите производители на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а Фајзер дополнително е вакцина која е регистрирана и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови.
КОВИД-19 вакцинацијата ќе одигра клучна улога во намалување на штетните ефекти врз здравјето на популацијата и општеството воопшто, како и во јакнење на колективниот имунитет во услови на пандемија.
„Имунизацијата е најсилното оружје во борбата со вирусот. Меѓутоа, сакам да порачам дека и натаму треба да се почитуваат другите јавно здравствени мерки од страна на сите граѓани - носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена, кои заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од КОВИД-19 и сузбивање на пандемијата“, порача министерот Венко Филипче.