Министерството за образование и наука го честита меѓународниот ден на девојките и жените научнички - 11 февруари и се приклучува кон неговото глобално одбележување.
Главните заложби и приоритети на МОН се да создаде образование преку кое секое дете ќе ги достигне својот полн потенцијал и ќе ги развива своите афинитети, но и кое ќе ја јакне родовата еднаквост и мултикултурализмот. Токму затоа со понудената концепција за првпат во фокусот на образованиот систем се ставаат учениците кои ќе имаат право на избор на она што најмногу сакаат да го учат. Нашата основна и единствена цел е на секое девојче и момче да обезбедиме квалитетно основно образование коешто е базата за понатамошен интелектуален и личен развој.
Како поддршка на талентираните ученици во Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука реализира повеќе активности со кои се вреднува и стимулира нивниот труд и постигнати резултати. МОН ќе продолжи и во иднина со креирање на нови и унапредување на постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување на целосно остварување на нивниот потенцијал и стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на Република Северна Македонија.
Освен што талентираните ученици на предлог на одделенски наставник односно одделенски раководител, а со одлука на Наставнички совет можат да напредуваат и забрзано, но најмногу до два пати за време на школувањето да преминат во наредно одделение, за учениците со натпросечна интелигенција се организираат и додатни активности, односно следуваат дополнителни бенефиции. На пример, се организира дополнителна групна или индивидуална настава за надарени и талентирани ученици, а законите предвидуваат советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици. Учениците се подготвуваат за учество на натпревари од страна наставници ментори.
Од оваа учебна 2020/2021 година отворена е Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката.
Министерството за образование и наука секоја година доделува стипендии за талентирани ученици од средните училишта и тоа одделно по 100 стипендии за талентирани ученици спортисти и 100 стипендии за талентирани ученици во други области. Месечниот износ е 2.970 денари и се исплаќа за 9 месеци во годината.
Дополнително, МОН доделува и еднократен паричен надомест за ученици кои ќе освојат прво место на државен натпревар по било кој предмет организиран од акредитирано здружение на наставници (износот е 50% од просечната нето плата во земјата), како и еднократни парични надоместоци за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика и природни науки (50%, 40% односно 30% од просечната нето плата во земјата, зависно од освоеното место). Исто така, се доделува и месечен паричен надомест за освоен медал на меѓународна научна олимпијада (12 месеци во годината по 12.000 денари за освоен златен медал, 10.000 за сребрен и 8.000 денари за бронзен медал).
Учениците кои ќе го освојат првото место во рамки на државниот натпревар – Лидер на струка (натпревар помеѓу ученици од средни стручни училишта), исто така добиваат еднократен паричен надоместок во висина од 50% од просечната плата.
Во последниот период, учениците почесто се вклучуваат и во програмите на Фондот за иновации, како и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации како што е UPSHIFT програмата создадена во соработка со УНИЦЕФ, каде се поддржува нивната креативност и се стимулира заложбата за напредок.
Младите се дел од целиот тој процес преку новоформираната група МОН-млади преку која даваат свој придонес во дефинирањето на новите мерки и активности.