Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, денеска со претставници на ромската заедница вклучени во институциите од локалната и централната власт, како и членови на граѓански организации разговараа за повеќе актуелни теми, меѓу кои и за значењето на спроведувањето на успешен Попис 2021, во насока на заложбите на Владата за остварување на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година и Акцискиот план.
Посочувајќи дека претстојниот Попис е многу важна операција за добивање статистички податоци за лоцирање на потребите од преземање мерки во поглед на подобрување на животниот стандард на најмаргинализираните категории граѓани упати порака за потребата од широка поддршка од сите заедници на овој методолошки процес.
На состанокот, на кој присуствуваше и Јасмина Ѓоргиева, координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика беа разменети информации за важноста на Пописот како статистичка сложена операција, која ќе даде одговор за бројноста на населението, семејствата и живеалиштата, со цел преземање на соодветни политики за создавање еднакви животни услови за сите категории граѓани.
Присутните посебно се осврнаа на прашањата за начинот на кој ќе бидат попишувани лицата кои немаат документи за идентификација при што беше нагласено дека овие лица ќе бидат попишани во соработка со Министерството за труд и социјална политика, односно со центрите за социјална работа, за нив пописот ќе биде од 1-15 март.
Беше посочено дека при попишувањето најстрого ќе се почитува здравствен Протокол за заштита на сите учесници во Пописот, што подразбира носење маски, одржување дистанца и обезбедување на средства за дезинфекција.
Учесниците на состанокот, се согласија дека спроведувањето на успешен Попис е важен сегмент и едногласно упатија порака дека е многу важно секој граѓанин да учествува и да се попише и само така ќе се добијат податоците за демографската, образовната, социјалната структура, што понатаму значи добивање на бројки, кои подоцна ќе помогнат за планирање и економски развој, како и добивање на слика за тоа каде се најранливите категории на населението.
Координаторката Ѓоргиева одговараше на прашања поврзани со спроведувањето на Пописот, конкретно при попишувањето на можноста за користење на седум јазици предвидени во Уставот на Северна Македонија, односно македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански, со детали за техниката на попишувањето.
Присутните изразија задоволство во поглед на констатацијата дека Пописот е статистичка обемна операција, организирана според светски стандарди, која гарантира безбедност на сите лични податоци.
На состанокот, беше констатирано дека Пописот, особено е важен за припадниците на ромската заедница, заради потребата, по 18 години, да се обезбедат статистички податоци во насока на целосно имплементирање на заложбата на Владата за „Едно општество, еднакво за сите“.
Средбата беше искористена и заеднички да се испрати порака до сите граѓани за лично учество во претстојниот Попис при што беше посочено дека Државниот завод за статистика има капацитет да ја спроведе оваа обемна и многу потребна статистичка операција.