Од 47-мата седница на Владата: Одобрена согласност за грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за делницата на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија; Проект за социоекономска интеграција на Ромите повратници

На денешната 47-ма седница на Владата на Република Северна Македонија е разгледана Информацијата за доделување на грант преку 25-ти повик за техничка помош и за 6-от повик за инвестициски грант за изградба на делницата Крива Паланка - граница со Република Бугарија како дел од коридорот VIII, со укажување со ЈП за железничка инфраструктура ,,Железници на Република Северна Македонија“- Скопје, да ја достави апликацијата за овој грант до Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF).

Со овој грант значително ќе се забрза процесот на довршување на железничката пруга помеѓу Северна Македонија и Бугарија, како дел од обврските на нашата земја во развојот на Паневропскиот коридор 8, а со добивање на инвестицискиот грант ќе се дополни финансиската конструкција за изградба на делницата Крива Паланка – граница со Бугарија, со што ќе се намали задолженоста на Република Северна Македонија.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективната социоекономска интеграција на Ромите повратници од Западен Балкан“, и ги задолжи Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на Претседателот на Владата да ги координираат активностите за имплементацијата на проектот.

Проектот има за цел да ги унапреди капацитетите на западнобалканските земји на централно и локално ниво за спроведување сеопфатни модели за реинтеграција на повратниците со поопширна агенда за социјална инклузија со унапредување на социоекономската благосостојба и разрешување на изворните причини и негативните фактори за миграција на Ромите и ранливите популации.

Буџетот на проектот е 4,6 милиони евра и ќе се имплементира регионално во 3 држави, Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Финансиран од Европската комисија и УНДП.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за формирање на нов Совет за заштита на потрошувачите и донесе Решение за именување  на членови на Советот за заштита на потрошувачите.
 
Советот во основа има за цел да се грижи за заштита и остварување на правата на потрошувачите во однос на заштитата на здравјето, безбедноста, економските интереси и за нивното редовно информирање во остварувањето на нивните права. Советот ја проучува постојната правна регулатива и предлага соодветни измени во областа на правната заштита на потрошувачите, ја следи реализацијата на Програмата за заштита на потрошувачите и предлага на Владата на Република Северна  Македонија мерки за нејзино остварување.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија“.

Проектот се однесува на унапредување на енергетски-ефикасна реконструкција и модернизација на избрани јавни објекти во образовниот сектор (Студентски домови во државна сопственост) во Северна Македонија, конкретно зголемување на енергетската ефикасност, структурниот интегритет и основната удобност. Програмата ќе се фокусира на студентски домови во државна сопственост во следните градови: Скопје, Прилеп, Битола, Охрид и Штип.

Заедно со обновата на енергетската ефикасност на зградите и структурното зајакнување, основните мерки за удобност ќе бидат суштински дел од Програмата, како што е реновирање на санитарни инсталации, обнова на електрична опрема, безбедносни мерки, стандардни работни соби, итн. со цел да се подобри средината за живеење и учење за студентите.

Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за образование и наука да го вклучи студентскиот дом „Стив Наумов“ како приоритетен  во проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија“.

Владата денеска ја усвои Информацијата за согласност на Комисијата за заразни болести на барањето на Здружението за планинско трчање, експедиции, алпинизам и адреналински активности во планина „Трекс“ со што е одобрена организацијата и спроведувањето на трката „Водно – Матка треил маратон 2021“ со препорака за доследно спроведување на протоколите за спортски настани на отворено.

На оваа седница на Владата е прифатена и согласноста на Комисијата за заразни болести на барањето на група општински и меѓуопштински превозници за зголемување на дозволениот број патници од 50% на 75% од вкупниот капацитет во превозните средства утврдени со закон за оваа намена.