„СР Германија е најважниот поединечен трговски партнер и голем поддржувач на Република Северна Македонија во евро-атлантските интеграции, со кој нашата земја има интензивна економска соработка, која од година во година е се позначителна“, посочи заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на отворањето на третиот состанок на Заедничкиот економски управувачки комитет помеѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија.
По подолга пауза, предизвикана во најголема мера од глобалната пандемија предизвикана од коронавирусот, продолжија состаноците на ова тело, формирано од Владите на двете земји, а чија главна цел е дополнително продлабочување и интензивирање на меѓусебната економска соработка.
„Продолжуваме да ги негуваме односите помеѓу двете земји. За Република Северна Македонија соработката со Сојузна Република Германија и клучна и витална, од особено значење поради големиот број на остварени соработки низ годините наназад, како и поради големиот волумен на трговска размена помеѓу двете земји. Заедничкиот Комитет е платформа од којашто произлегуваат нови идеи и се адресираат актуелни предизвици, и токму затоа истата е во кохезија со заедничката цел на двете земји – одржување и негување на меѓусебната соработка, реализирајќи идеи од коишто ќе има бенефиции за сите. Веќе имаме две добри вести од две германски компании кои планираат проширување на своето производство на територијата на Република Северна Македонија, отворајќи нови работни места и допринесувајќи за економскиот раст, што е од големо значење за двете земји“, додаде вицепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи укажа на важноста на сите теми кои се отворија на состанокот, и го реафирмираше ставот за отвореноста на Владата во придвижување на сите проекти во нагорна линија.
„Знам дека доаѓа време во кое мораме да се адаптираме на европските стандарди и закони во сите сфери, и сметам дека е подобро тоа да го направиме порано, за да влеземе во Европа подготвени“, посочи вицепремиерот Битиќи.
Германската амбасадорка, Н.Е. Анке Холштајн, ја изрази својата благодарност за работата и континуитетот на Комитетот, како и за ставањето акцент на германската бизнис заедница, што е од особено значење за билатералните односи помеѓу двете земји. Таа го изрази и своето задоволство за досегашната соработка со вицепремиерот Битиќи и за целата поддршка којашто е упатена од негова страна.
Ко-претседавачот на заедничкиот управувачки комитет, номиниран од Министерството за економија и енергетика на СР Германија, Хелге Толксдорф, на овој состанок, ја претстави својата визија за работата на Комитет, посочувајќи дека истиот покрива сериозни и неверојатно важни теми за двете земји, и токму затоа неговата работа треба да биде континуирана и постојана.
Министерот за економија на Република Северна Македонија, Крешник Бектеши ја изрази својата посветеност на трансформацијата на енергетскиот сектор на Република Северна Македонија и воедно ги посочи значајните достигнувања и напредок во енергетиката, коишто земјата ги постигнала во изминатите години. Тој посочи дека Република Северна Македонија во последните три години успеала неверојатно многу да напредне во секторот на енергетика, особено во производството на енергија од обновливи извори, што не само што допринесува за економскиот раст на земјата, туку и за самите домаќинства. Тој истакна дека нашата е посветена да биде во чекор се европските стандарди и постепено да го адаптира системот на истите.
Претставниците од четирите најголеми македонски комори, Стопанска Комора на Македонија, Сојуз на Стопански Комори, МАСИТ и Стопанска Комора на Северо-Западна Македонија, ги искажаа својот заеднички став во врска со бизнис климата во земјата, како и за соработката со Сојузна Република Германија, потенцирајќи дека постои огромен потенцијал за дополнително развивање којашто допрва треба да биде искористен.
Од страна на Германската делегација, беа изнесени одредени новитети за потенцијални нови инвестиции. Исто така, беше посочена и програмата за практична работа помеѓу двете земји, со која кандидати од Република Северна Македонија можат да се здобијат со работно искуство во германски компании и дека истото е од особено значење за концептот на дуално образование, во кое компаниите и училиштата соработуваат.