По повод 1 март - Денот на нула дискриминација, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, порача дека оваа Влада и Министерството за труд и социјална политика, направи сериозен исчекор во борбата против дискриминацијата.
„Преку широка и отворена дебата успеавме да го усвоиме Законот за спречување и заштита од дискриминација. Законот јасно ги дефинира основите на дискриминација согласно Меѓународните конвенции и Европската регулатива. За прв пат како дискриминаторски основи ги вклучивме и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како дел од основните човекови права и слободи,“ истакна Шахпаска.
Таа ја потенцираше транспарентната постапка за избор на професионалната Комисија за спречување и заштита од дискриминација, која има задача ефикасно, објективно, независно и принципиелно да работи во интерес на граѓаните.
„Градиме еднакво општество за сите, водени од тоа дека секој има право на достоинствен живот без оглед на возраст, пол, расна и етничка припадност или убедување. Секој човек е различен и секој човек има право на избор. Впрочем, убавината на општеството ја прават различностите,“ порача министерката Шахпаска.