Најновиот извештај на Фридом Хаус констатира напредок со позитивни оценки за реформите

Во извештајот на организацијата Фридом Хаус за 2021 година генералната оценка е дека Владата на повторно избраниот премиер Зоран Заев направила пресврт во однос на повеќегодишното претходно уназадување на демократијата, и дека сериозно прашање за државата е тоа што ЕУ не го одржа ветеното дека земјата ќе го започне процесот на преговори на крајот од 2020 година.

Во извештајот „Слободата во светот“, годинашната оценка за државата е 66 од можни сто поени, што е за три поени напредок од лани.

Фридом Хаус се повикува на позитивните оценки на ЕУ за реформите во правосудството, и дека е потребно да продолжи практикувањето на законските можности за зајакнување на независната работа на судиите.

Во документот е забележан прогрес во поддршката на граѓанското општество со констатација дека дел од граѓанските организации кои застапуваат човекови права укажуваат на притисок врз нивното работење од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните поддржувачи.

Извештајот констатира дека работата на невладините организации е слободнa и безбеднa со сериозни промени за разлика од периодот до 2017 година.

Фридом Хаус нотира дека расте бројот на критички и независни медиуми особено на онлајн платформите.

За делот на извештајот кој регистрира дека новинарите работат во услови на политички притисок и дека се констатирани напади врз новинарите, треба да се истакне дека во последните години за овие инциденти се спроведува итна постапка и дека редовно институционално се процесуираат сите предмети за физички или вербален напад врз медиумските работници.