Јанкулоска на женско авторели во Гази Баба: Жените се одговорни, внимателни и хумани возачи
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска присуствуваше на традиционалното женско авторели што го организираат општина Гази Баба и „Кастрол рејсинг тим“.
- Одамна се надминати стереотипите за тоа колку жената е подобар или полош возач, колку е повешта или повнимателна. Праксата на МВР покажува една работа – дека жените се одговорни, внимателни и хумани возачи, истакна министерката Јанкулоска во своето поздравно обраќање по повод денешната женска авторели трка.
Пред стартот на трката, таа рече дека токму ваквите активности се одлична можност, покрај заедничкото дружење и спортскиот карактер на манифестацијата, да се упати заеднички апел дека безбедноста во сообраќајот е пред се и над се.
На годинашнава автотрка беа пријавени петнаесетина учеснички, а во рамките на манифестацијата беше промовирана и кампањата под слоганот „Размисли дали си безбеден возач“.
Релито беше составено од два дела - возење по градската сообраќајна мрежа и спретно возење меѓу чунови.
Во рамки на настанот од жените учеснички беше испратен апел до сите возачи да бидат повнимателни и поодговорни во сообраќајот со цел да се спречат сообраќајните несреќи и тешките последици од нив.