Денеска заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, го презентираше Планот за борба против корупција пред Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и пред шефот на делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир.
Вицепремиерот Николовски на Претседателот Пендаровски, му ги презентираше мерките од Планот и задолженијата за институциите за нивно навремено имплементирање. Претседателот Пендаровски потенцираше дека за постигнување на резултати потребна е целосна транспарентност, соодветни законски решенија, санкции и придонес од сите институции. На средбата, вицепремиерот Николовски, ги презентираше мерките од Планот, со посебен фокус на екипирање и дигитализација на Јавното обвинителство како и истражните центри во рамки на основните јавни обвинителства, зголемување на употребата на Националната платформа за интероперабилност за потребите на седумте надлежни органи за борба против корупција, воспоставување на електронски систем за инспекција „Е-инспектор“, системот за следење на предмети и претставки, координацијата со институциите, подготовката на годишна Антикорупциска програма од страна на сите институции, и останатите мерки од Планот.
На средбата со Претседателот на Собранието Џафери, вицепремиерот Николовски, посочи дека од голема важност за ефикасна реализација и запазување на роковите за имплементација на мерките од Планот за борба против корупцијата, е носењето на одредени законски измени поврзани со дел од мерките.
Вицепремиерот, Николовски, ги презентираше мерките за коишто има потреба од законски измени како што се изготвување на измена и дополна на Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, измена на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, намалување на бројот на членови на Управни и Надзорни одбори, дигитализација на матичните книги и издавање на електронски изводи од матичните книги, Законот за јавни набавки, планот за измена и дополнување на прописите од областа на административните службеници и вработените во јавниот сектор. Претседателот на Собранието, Џафери, го информираше вицепремиерот Николовски за механизмите на законодавниот дом за спречување на корупција и воедно изрази поддршка за имплементација на Планот и усогласување на сите потребни законски измени со законодавната агенда.
Поддршка за Планот за борба против корупција изрази и евроамбасадорот Гир, кој посочи дека Европската унија како стратешки партнер, стои на располагање за понатамошна соработка и помош за имплементација на мерките од Планот. Вицепремиерот Николовски на средбата со евроамбасадорот Гир, ги презентираше досегашните преземени мерки за спречување и борба против корупцијата, но и идните мерки од Планот, со задолженијата за сите институции и роковите за постапување по мерките.