Доброволното здравствено осигурување ќе обезбеди надстандардни услуги за пациентите
Со доброволното осигурување се очекува пациентите да добијат надстандардни услуги, подобро болничко сместување и лекување во приватните здравствени установи или во странство.
Како што беше речено на денешната првата јавна дебата за законот за доброволно дополнително осигурување, цената и услугите во дополниетлниот пакет ќе ги формираат осигурителните компании, а ќе може да ги користат само оние граѓани што се корисници на задолжителното осигурување.
Според министерот за здравство Никола Тодоров, новиот закон првпат ја отвора можноста осигурителните компании да им понудат на граѓаните пакет услуги во јавните и приватните установи, како и операции во странство кои Фондот не ги покрива.
- Фондот за здравствено осигрување ги надоместува трошоците за определена услуга до определно ниво. Ако некој сака да му се вгради, на пример, многу поквалитетно помагало кое ја надминува цената што Фондот ја покрива, разликата може да биде предмет на осигурителниот продукт, посочи Тодоров.
Може да се добие и привилегија за подобро сместување, додаде, но нема да се бара здравствена услуга преку ред зашто тоа би го растурило целиот систем.
- Сепак, се дозволува дополнителната дејност да биде дел од овој тип осигурување, се овозможува некој да добие побрза здравствена услуга од некој што нема да се определи за дополнителна дејност, објасни министерот.
Како што рече Оливера Клинчарова од Кроација осигурување, осигурителните компании се надеваат на интерес кај граѓаните за оваа нова законска можност.
- Има многу осигурителни компании на македонскиот пазар и секоја може да си најде соодветно место, да формира тарифи и тарифни групи за одредени сулуги, изјави Клинчарова.
За законот ќе се дебатира и во наредниот период.