Министерот Попоски од утре во посета на Лондон
Министерот за надворешни работи Никола Попоски од утре до 27 март ќе престојува во работна посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Во рамките на посетата тој ќе оствари средба со својот колега, државниот секретар за надворешни работи на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Вилијам Хејг.
Шефот на дипломатијата се очекува да се сретне со претседавачот на Пратеничката група за соработка со Македонија во Британскиот парламент Карен Лумли, како и со претставници на комисиите во Горниот и Долниот дом за надворешни работи и за Европска Унија.
На средбите ќе бидат разменети мислења околу развојот на билатералните односи и соработка меѓу двете земји, како и за соработката на меѓународен план.
Министерот за надворешни работи Попоски во Европскиот совет за надворешни односи ќе одржи предавање на кое ќе ги претстави македонските позиции по добивањето на третата последователна препорака за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ и гледањата по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во контекст на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија.
За време на престојот во Лондон предвидена е и средба на министерот Попоски со претставници на македонската дијаспора.