Јанакиески: Продолжува акцијата за одземање возила без лиценци, резултатите подобри од очекувањата
Министерството за транспорт и врски во соработка со Државниот инспекторат за транспорт и МВР последните три недели одзедоа вкупно 30-тина возила, мини автобуси, комбиња и автомобили кои возеле патници без лиценци, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
- Резултатите од оваа акција се подобри од очекувањата, продажбата на билетите во сите градови е зголемена за неколку пати и со тоа им се овозможи и на лиценцираните превозници да им се зголеми бројот на патници, што значи и поголеми приходи за буџетот на Република Македонија, рече Јанакиески.
Тој најави дека ќе продолжат со засилено темпо да ги казнуваат сите кои возат без лиценци и појасни дека тоа значи одземање на возилата минимум три месеци, а овие контроли, како што рече, ќе се интензивираат во летниот период, особено ако има транспорт и надвор од Македонија.
- Нема да се откажеме од оваа идеја, иако има притисоци, јавувања и замолници. Никој нема да биде амнестиран, доколку вози без лиценца, рече Јанакиески истакнувајќи дека оваа акција наишла на одобрување кај здруженијата за превозници.