Министерството за транспорт распиша конкурс за давање под закуп плажи на охридското крајбрежје
Министерството за транспорт и врски распиша јавен конкурс за давање под краткотраен закуп земјиште сопственост на Република Македонија, наменето за плажи на охридското крајбрежје. Станува збор за 15 плажи, меѓу кои и атрактивните локации кај Билјанини извори, Канео, Горица, Лагадин, Корали, Елешац, Лабино и Грашница.
- Со давањето под краткотраен закуп на плажите се овозможува нивно уредување согласно современите туристички стандарди и овозможување на сите предуслови за подобар престој на туристите, со што ќе се создаде поволна слика за дополнителен туристички развој, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конференција.
Постапката за давање на плажите под закуп, како што појасни министерот, започнува неколку месеци пред стартот на туристичката сезона, со цел формалните постапки да завршат навремено, а закупците да имаат доволно време да ги исполнат обврските кои произлегуваат од договорите за закуп, за што краен рок е 1 јуни.
- Согласно насоките и упатствата за уредување и користење на плажите закупецот е должен да овозможи слободен влез за посетителите, односно да не се наплаќа надоместок за плажата, а при планирање на просторот треба да се води сметка 40 до 60 отсто од плажата да биде слободна за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити, истакна Јанакиески.
Најповолните понудувачи за закуп на трите плажи кај Билјанини извори, Горица 3 и Грашница, како што нагласи, ќе бидат обврзани на своја сметка да постават мали пристаништа најдоцна до 15 јуни, согласно акцискиот план за монтирање мали пристаништа на езерата во Македонија, со цел дополнителна промоција на туристички атрактивните места во државата.
- Вакви мали пристаништа познати како „понтони“ ќе бидат поставени и на Преспанско, Дојранско и Мавровско езеро. Понтоните имаат голема стабилност, издржуваат и удари на бранови до еден метар, како и висинско поместување на водата. Нивната должина во просек изнесува од 10 до 12,5 метри, а широчината 2,4 до 4,0 метри, со височина над водата од 0,5 метри. Понтоните можат да бидат соодветно осветлени и опремени со мост за приод, гумени одбојници и скала за качување од вода, рече Јанакиески.
Тој посочи дека во тек е јавен повик за сите сопственици на угостителски објекти пред кои е предвидено плажа на крајбрежјето на Охридско, Преспанско и Дојранско езеро и за кои се исполнети условите за доделување краткотраен закуп, согласно Законот за градежно земјиште, најдоцна до 30-ти овој месец да достават до Министерството за транспорт и врски барање за доделување под краткотраен закуп со непосредба спогодба за сопствениците на угостителските објекти пред кои е предвидено да има плажа.
- За учество на електронското наддавање за давање на плажите под краткотраен закуп можат да се пријават сите заинтересирани правни и физички лица кои ги исполнуваат условите дадени во јавниот повик објавен во печатените медиуми и на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски, кои опфаќаат изготвување на урбанистичко-техничка документација за уредување на капалиштата и банкарска гаранција за навремено завршување на предвидените работи во износ од 1.000.000 денари, рече Јанакиески.
Рокот за пријавување за сите заинтересирани субјекти е 12 април, а почетната цена на јавното наддавање е 80 денари за метар квадратен за плажите во Охрид и пет денари за метар квадратен за плажата во Дебарца. Електронското наддавање за сите 15 плажи ќе се одржи на 18 април.