Николовски и Сугарески во посета на граничниот премин Табановце: Борбата против корупцијата е заедничка, активно се вклучуваат сите антикорупциски институции

Денеска заменикот на Претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на граничниот премин Табановце, одржа работна средба со директорот на Царинската управа Горан Сугарески и раководителката на проектната канцеларија на Обединети нации за дрога и криминал во Белград и Регионален советник за борба против корупција и поврат на имот за Западен Балкан,  Вирџинија Абајо-Маркез.  На состанокот се разговараше за улогата на Царинската управа во спречувањето и откривањето на корупција и организиран криминал, и за мерките од усвоениот План за борба против корупција.

Вицепремиерот Николовски посочи дека во борбата против корупцијата и организираниот криминал активно се вклучуваат сите антикорупциски надлежни институции, секој во рамките на својата надлежност. При тоа потенцираше дека од особена важност е меѓуинституционланата координација и размена на информации, на што изминатиот период беше ставен посебен фокус. 

Директорот на Царинска управа, Сугарески, истакна дека еден од главните приоритети на управата е унапредување на институционалниот и административен капацитет за ефикасна и ефективна борба против корупцијата. Сугарески посочи дека како резултат на кампањата на управата,  „СТОП за КОРУПЦИЈАТА“ која се спроведува од април 2018 година, зголемен е бројот на примени поднесоци во 2020 година, споредбено со 2017, 2018 и 2019 година. Исто така, потенцираше дека Царинската управа постојано соработува со другите институции и работи на зајакнување на меѓуинституционалната соработка во борбата против корупција и криминал. Воспоставена е успешна соработка со Националниот координативен центар за гранично управување, ДКСК, МВР, Агенција за храна и ветерина, Санитарен инспекторат, Министерство за транспорт и врски, МНР и други. Покрај ова, со цел подобро справување со корупцијата, Царинска управа има донесено и Стратегија за интегритет и борба против корупцијата, за период од 2019-2022 година и акционен план за спорведување, а за една година целосно реализирани се 37% од предвидените активности, додека делумно реализирани се 26% а во тек на реализација се 11%.

Вицепремиерот Николовски, ги презентираше дел од мерките од Планот за борба против корупција, при што беше образложена потребата од дигитализација и зајакнување на истражните центри, дигитализација на матичните книги, поврзување на антикорупциските институции преку  платформата за Интероперабилност, воведување на регистар за државна помош, регистар за издавање на лиценци и дозволи, електронско поврзување на инспекторатите, измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, воведување на регистар за службени возила. Во насока на подигање на свеста на граѓаните и администрација за препознавање и спречување на корупција, вицепремиерот Николовски, појасни дека со Планот е предвидено секоја институција да назначи и јавно да објави овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција и институциите да донесат годишна Антикорупциска Програма. Дополнително, ќе биде воведен Систем  за следење на предмети и претставки преку отворање на повикувачки центар, преку кој граѓаните и фирмите ќе можат да пријавуваат случаи на корпуција,  ненавремно или несоодветно постапување од надлежните институции по однос на нивните поднесени барања.

Раководителката на проектната канцеларија на Обединети нации за дрога и криминал во Белград и Регионален советник за борба против корупција и поврат на имот за Западен Балкан, Абајо-Маркез, посочи дека Царинската управа е важна институција за откривање на корупција особено при трговијата и позитивно ги оцени мерките од Планот за борба против корупција, како и ентузијазмот и заложбата на Владата за воведување системски промени и мерки.