Министерката Јанкулоска ја посети Посебната мобила единица за борба против криминалот „Алфа“

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по денешната средба со припадниците на Посебната мобила единица за борба против криминалот „Алфа“ изјави дека оваа единица со бројните интервенции и бројот на расчистени кривични дела покажува дека е брза и ефикасна.

- Бројните интервенции во последно време покажуваат дека одлуката која пред извесно  време ја донесовме за нејзино систематизирање како посебна организациска структура во рамките на СВР Скопје и одлуката за интензивирање на бројот на обуки кои секој припадник на оваа единица мора да ги помине во текот на еден месец дава резултати, рече Јанкулоска.

Секој припадник на единицата, како што појасни, задолжително во текот на еден месец мора да помине најмалку четири обуки што е интензивен период на обука во текот на годината.

Посебната мобилна единица за борба против криминал „Алфа“ на терен, како што додаде, се соочува со најризичните случаи и изведува дел од најсложените полициски задачи заедно со специјалните единици на МВР.

- Гледајќи ги извештаите за работа на оваа единица само во првото тромесечие на оваа година евидентно е дека се постигнати завидни резултати, односно приведени се 674 лица и легитимирани 1.376, истакна Јанкулоска и додаде дека тоа значи дека приближно по десетина лица на ден се приведувани.

Статистиката за 2011 година, како што рече, говори дека во овој период се приведени 3.361 лице, а проверени се 1.880 патнички моторни возила. - Ваквите бројки и активности се клучни за надминување на состојбите кои се случуваа на територијата на Скопје. Со посебниот ангажман на единицата „Алфа“ неодамнешните инциденти беа ставени под контрола, односно најголем дел на инцидентите се расчистени во соработка со сите организациски единици на МВР, а преку зголемено присуство на терен интензивно се работи на превентивното дејствување, нагласи Јанкулоска.

Во однос на рабојништвото со закана со пиштол во филијалата на поштата во Шуто Оризари, кое се случи на 24-ти овој месец, Јанкулоска на средбата била информирана дека и овој случај е расчистен.

Министерката во оваа пригода им оддаде признание на припадниците на „Алфа“ за брзата, соодветна и ефикасно изведена акција завчера кога беше уапсен 20-годишниот Х.Б. кој без посебни мотиви вооружен со автоматска пушка повреди тројца граѓани, пришто беа спречени евентуални жртви, а сторителот беше приведен.

Во тој контекст на средбата беше потенцирано дека Скопје и генерално земено Македонија, не можат да бидат изземени од предизвиците и ризиците на коишто се изложени земјите од западна Европа, како што тоа беше на пример случајот со неодамнешниот настан во Франција, но дека сепак со успешната интервенција на „алфите“ се покажа дека македонското МВР има капацитет и подготвеност да се справи и со таквите појави.

Од раководителите на единицата било реферирано за превземените и реализирани активности во изминативе три месеци од оваа година и притоа биле нотирани дел од акциите што особено наидоа на широк оддек во јавноста како што беше апсењето на српскиот државјанин и водач на навивачката група “гробари“ од Белград, како и апсењето на грчкиот бизнисмен во центарот на Скопје баран по потерница на Интерпол.