Катарски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија
Посетата на владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски на Катар е од извонредно значење за презентација на Македонија на нови пазари со оглед на состојбите во Европа, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешните средби со менаџерските тимови на катарските компании, агенции и фондови во Доха.
- Значајно е да ја презентираме Македонија како добра дестинација пред бизнисмените на Катар, земја меѓу најбогатите во светот со бруто домашен производ од над 100.000 долари по жител, истакна Ставрески.
Тој е задоволен од досегашниот тек на посетата во чии рамки се реализираа посети на десетина големи компании пред кои, меѓу другото, се претставени и можностите, како и поволностите за инвестирање во Македонија.
- Задоволни сме од одвивањето на посетата и од интересот што го покажуваат нашите домаќини. Наша интенција е со постојаните посети и презентации да отвораме нови можности за Македонија, да бараме нови инвестиции, и отворање на нови капацитети, нови работни места каде што ќе може да се вработуваат лица и да остваруваат приходи, рече Ставрески.
Kако посебно значајни ги посочи трите најважни и најголеми, Катар Диар, компанија што инвестира во недвижности, која има над 35 милијарди долари во проекти низ целиот свет и чија капитализација е 4 милијарди долари, Катарската инвестициска агенција која по Абу Даби е втора најголема во светот и Хасад Компани, катарска владина агенција задолжена за постапување во областа на земјоделството и агро-бизнисот.
- Со Катар Диар разговаравме за можностите за инвестирање во туристичките развојни зони кои ги нудиме во Охрид, Преспа и Дојран и каде очекуваме влез на крупни стратешки инвеститори и кои ќе ги развијат преку градење хотели, туристички центри, спортски објекти,... Разговаравме и за можноста за вложување во Скопје во изградба на дел од касарната „Илинден“ во насока на резиденцијални, станбени, но и придружни објекти, како и за можноста за инвестиции во други места низ цела Македонија. Тие искажаа сериозен интерес за дел од проектите што ги набројавме, нагласи вицепремиерот.
Македонскиот владин тим пред Катарската инвестициска агенција ги презентираше можностите за инвестиции во Македонија во сите курпни објекти, посебно во делот на инфраструктурата, изградбата на патишта, за вложување во енергетскиот сектор, ЕЛЕМ, докапитализацијата и изградбата на нови енергетски објекти, Вардарска долина,...
- Станува збор за голем капитал кој се мери со милијарди долари, за финансиска империја со капитализација од 400 милијарди долари која инвестира во Порше, Ауди, компании, земји и проекти низ цела Европа и низ целиот свет, рече Ставрески.
Компаниите од прехранбениот сектор и земјоделството покажале интерес за откуп на македонските земјоделски производи, житните култури, јагнето, како и за можноста да купат земјиште во Македонија за да произведуваат, а потоа и да извезуваат во Катар и околните земји.
- Се работи за компании со големи финансиски средства кои гледаат инвестициски можности во Македонија врз основа на она што ние го нудиме, а тоа е земја со најниски даноци во Европа, со солидни инвестициски проекти во делот на развојот на инфраструктурата, енергетиката и туризмот и во слободните зони за кои исто така очекуваме интерес од овие компании, подвлече министерот.
Според него, преку привлекување инвеститори од Катар, Индија, Јапонија и европските земји Владата ќе успее да ја постигне основната цел - што повеќе инвестиции и што повеќе работни места да се отворат во Македонија.
- Во тој контекст, очекувам преку оваа посета да продолжи трендот што почна во претходниот период - да се отвораат нови компании, како што претходно имавме ситуација да најавиме почеток со работа на три автомобилски компании во Тетово, Струга и Кавадарци со повеќе од 4.000 работни места, како и пред тоа во Битола со, исто така, 4.000 работни места. Тоа е начинот како преку вакви инвестициски презентации и промоција на Македонија како добра дестинација за инвеститорите, ќе привлечеме дел од светските пари, бизнисмени и инвеститори да дојдат кај нас, да отворат нови фабрики, работни места и да се подобри животниот стандард на граѓаните, истакна Ставрески.
Во состав на владината делегација, предводена од премиерот Груевски, освен Ставрески се и Бил Павлески, министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, како и Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.
Посетите на катарските компании, агенции и фондови се во функција на промоција на економските потенцијали на Република Македонија за привлекување странски инвестиции и промоција на македонските производи.
- Македонија нуди можности за квалитетна реализација на бизниси, таа е најконкурентна дестинација за инвестиции, која нуди ниски даноци, даночни ослободувања, соодветна работна сила и останати поволности. Резултат на оваа владина политика се двата брана на инвестиции, од кои едниот кон крајот на минатата година, и еден на почетокот на оваа, како и неколкуте најави за нови инвестиции во текот на годината, истакна премиерот Груевски на средбите со менаџерските тимови.
Вицепремиерот Ставрески, пак, предочи дека доколку тие одлучат да инвестираат во областа на туризмот, можат да ја искористат владината мерка за откуп на земјиште за изградба на капацитет по почетна цена од само 1 евро за метар квадратен и да добијат даночно ослободување во зоните во траење од 10 години, како и ниски даноци.
Во рамки на посетите, владиниот економски тим вршеше и специјални презентации за определени области од пакетот инвестициски поволности, даночната регулатива и ниските и рамни даноци, макроекономската стабилност и добриот кредитен рејтинг, деталите и аспектите на областите во кои може да се инвестира со прилог на специјални разработени проекти.
Во однос на политичкиот дел од посетата, Ставрески оцени дека е многу значајно тоа што прв пат во овие 20 години независност, македонски премиер ќе има средба не само со премиерот, туку и со Емирот од Катар, слично како што беше во Јапонија, Индија и во некои европски земји.
- Ова покажува дека вратите за Македонија и на политичко ниво во се повеќе земји се отворени. Остваруваме средби со држави со кои подоцна имаме пријателски односи и кои даваат политичка поддршка во нашите напори за интеграција во ЕУ и НАТО, како и за промоција на Македонија како стабилна земја за регионот и Европа, посочи заменик претседателот на Владата.
Доцна попладнево се очекува премиерот Груевски да оствари средба со Шеик Хамад бин Џасмин бин Џабор Ал-Тани, премиер и министер за надворешни работи во Емирскиот Диван на Државата Катар.