Министерот Тодоров задоволен од функционирањето на Тетовската клиничка болница
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Клиничката болница во Тетово, посети повеќе одделенија на Интернистичкиот блок, како и Ургентно дијагностичкиот центар кој е во завршна фаза на изградба.
Тој изрази задоволство од работата на Клиничката болница која, како што рече, според податоците, обезбедува околу 950 илјади медицински услуги на годишно ниво со 50 процентна искористеност на капацитетите.
Од директорот на Тетовската клиничка болница Флорин Бесими, министерот Тодоров беше запознат со моменталните состојби и услугите што им ги пружаат за пациентите од поширокиот тетовски регион. Според Тодоров, тетовскиот менаџер е еден од подобрите во институциите на јавното здравство.
Тодоров изјави дека Клиничката болница во Тетово е трета јавна установа која тој и неговиот тим ја посетуваат во изминатиот период, а целта им е да се уверат во способностите на менаџментите од болниците во спроведувањето на таканаречениот кајзен метод во нивната секојдневна работа односно полесно надминување на проблемите што се јавуваат како и олеснување и подобрување на нивната соработка со Министерството.
Во врска со изградбата на новиот Ургентно дијагностички центар во рамки на болницата Тодоров истакна дека според договорот со изведувачот, тој треба да пушти во употреба до крајот на мај кога ќе профункционира и најсовремената опрема како томографот и магнетната резонаца.
- Во Министерство има проектна единица за изградба и реконструкција на објектите од јавното здравство и ќе се обидеме заедно со овие експерти од урбанизмот овие пет денови додека сме во Тетово на дневна база да влијаеме за забрзување на работите. Неставањето во употреба на веќе набавената најсовремена медицинска опрема е само поради немањето на соодветни простории, рече Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање околу потребниот кадар за работа со апаратурата, Тодоров посочи дека во Скопје има одличен кадар за оваа апаратура, како на пример професорот Врчаковски кој, според него, е целосно на располагање за обука на медицинскиот персонал за ракување со опремата.
Ние, потенцира Тодоров, сега вложуваме големи напори во премостувањето на состојбите со неинвестирање во човечкиот кадар изминатите 20 години.
- Моменталната просечна старост на лекарите е помеѓу 52-53 години, а дополнителен проблем е и тоа што ако сега пратиме лекари на специјализација тие ќе отсуствуваат повеќе години од своите места. Веќе имам дадено согласност за нови 200 работни места за Тетовската болница и очекувам сите процедури да завршат за околу месец и половина. Предност за вработување ќе имаат потребните специјалисти или специјализанти во последните година или две на специјалистичките студии, рече Тодоров.
За утре министерот Тодоров најави продолжување на посетата на Тетовската клиничка болница и увид и во останатите нејзини медицински блокови и одделенија.