Информација со статус на реализација на економски мерки за справување со КОВИД-19
Од појавувањето на коронавирусот, Владата на Република Северна Македонија донесе 4 пакети мерки, насочени кон справување со негативните последици врз економијата. Во рамки на овие пакети, донесени се околу 70 различни мерки, со кои се опфатени и поддржани субјектите и физичките лица погодени од пандемијата.
Сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија кога кризата ќе заврши за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија.
Креирањето на мерките за сите пакети е направено транспарентно и во инклузивен процес во кој учествуваа стопанските комори, синдикалните организации и организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максималниот број на граѓани засегнати од кризата.
Вредноста на сите четири пакети антикризни мерки изнесува околу 1 милијарда и 20 милиони евра, односно четвртиот пакет економски мерки изнесува 470 милиони евра, додека вкупната вредност на претходните три пакети изнесува околу 555 милиони евра. Овие финансиски средства се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да се обезбеди стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација.
Заклучно со месец февруари 2021 година, за справување со ефектите од коронавирусот целосно потрошени средства се 704 милиони евра, односно 67,3% од одвоените средства во овие 4 пакети. Околу 156 милиони евра се неискористени средства, со што вкупниот износ на имплементирани средства изнесува 860 милиони евра односно 82% од вкупниот план на средства за мерките. Доколку се земе во предвид дека мерката за кредитна линија од ЕИБ е во финална постапка, процентот на имплементација на мерките ќе се зголеми на 92%. Голем дел од мерките од третиот, а особено од четвртиот пакет предвидено е да се реализираат во тек на целата 2021 година па и подолго. Притоа, треба да се има предвид дека дел од мерките во рамки на третиот пакет се планирани и се реализираат како дел од четвртиот пакет мерки.
Од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите 4 пакети, 35 се имплементирани во вредност од 704 милиони евра, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека имплементацијата на 7 мерки во вредност од 150 милиони евра чека во собраниска процедура. Не се имплементирани 7 мерки во вредност од 8,7 милиони евра. Додека 5 мерки имаат повисок степен на реализација од планираните средства во износ од 2,1 милион евра.
Сите усвоени мерки можат да се поделат во една од следните 3 групи:
- Мерки кои предизвикуваат буџетски расходи односно директни фискални импликации,
- Мерки кои предизвикуваат намалени буџетски приходи, и
- Мерки кои имаат економско влијание, а немаат фискални импликации
Прв пакет
Првиот пакет мерки, беше претставен на 18.03.2020, како прв и експресен одговор на Владата на новонастанатата состојба и беше насочен кон ублажување на ударот на здравствената криза врз економијата. Пакетот се состоеше од интервентни мерки насочени кон заштита на ликвидноста и на работните места, таргетиран за граѓаните и фирмите најмногу погодени од здравствената криза. За овој пакет беа одвоени вкупно 12,2 милиони евра, а имплементиран е износ од 11 милиони евра.
Сите реализирани средства беа насочени кон претпријатијата, а беа вклучени и одредени мерки насочени кон граѓаните кои не побаруваа средства.
Како резултат на приоритетите на првиот пакет, кој беше фокусиран на што побрз одговор на кризата, донесените мерки главно беа од групата мерки кои предизвикаа намалени буџетски приходи, како и од групата мерки кои имаат економско влијание, но немаат фискални импликации. Изгубените приходи за мерките од оваа група се планираа на 5,5 милиони евра, а имплементирани се 5,49 милиони евра односно 100%.
Табела 1. Резиме на прв пакет (во евра)
Група | План на средства за мерки | Искористени средства | Неискористени средства | Имплементација | Имплементација (во %) |
Директни буџетски расходи | 1.200.000 | – | – | – | – |
Намалени буџетски приходи | 5.500.000 | 4.595.158 | 894.576 | 5.489.734 | 99,8% |
Без фискални импликации | 5.500.000 | 5.500.000 | – | 5.500.000 | 100% |
Вкупно | 12.200.000 | 10.095.158 | 894.576 | 10.989.734 | 90,1% |
Со првиот пакет мерки, се предвиде ослободување од плаќање на месечни аконтации за данок на личен доход и данок на добивка за месеци од март до јули 2020 година за субјектите со намалени приходи од 30% во однос на минатиот период при што се изгубени приходи од 2,1 милион евра, како и субвенционирање на 50% од придонесите за април, мај и јуни 2020 година по вработен во компании од погодените сектори каде се изгубени приходи од 2,5 милиони евра. Исто така, се укинаа царинските давачки за одредени основи, а се намалија и законската затезна камата и казнената камата за јавни давачки.
За мерки без фискални импликации, во првиот пакет се реализираа бескаматни кредити во износ од 5,5 милиони евра преку Развојната банка за заштита на ликвидноста на микро, малите и средни претпријатија чија економска активност е најпогодена од пандемијата и за заштита на работните места за фирмите кои имаат проблеми да исплатат плата, каде се поддржаа 737 претпријатија со 6.509 вработени. Освен бескаматните кредити, со првиот пакет се намали основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75%, а се поедностави и начинот на издавање, пренос и прием на фактура во електронски формат.
Во рамки на првиот пакет нема реализирано средства за мерки кои предизвикале буџетски расходи, односно директни фискални импликации.
Втор пакет
Вториот пакет на економски мерки, беше донесен на 31.03.2020 и се состоеше од конкретни мерки кои имаа директен импакт врз реалната економија и директно помагање на секое семејство и поединец одделно. Целта беше да се даде поддршка на стопанството, да се задржат работните места, да се одржи социјалната стабилност и да им се помогне на граѓаните погодени од оваа криза.
Вредноста на вториот пакет е значително повисока во однос на првиот. Во рамки на овој пакет беа одвоени 332,9 милиони евра, при што сите планирани средства се имплементирани.
Табела 2. Резиме на втор пакет (во евра)
Група | План на средства за мерки | Искористени средства | Неискористени средства | Имплементација | Имплементација (во %) |
Директни буџетски расходи | 85.882.000 | 85.540.869 | 346.300 | 85.887.169 | 100% |
Намалени буџетски приходи | – | – | – | – | – |
Без фискални импликации | 247.000.000 | 247.000.000 | – | 247.000.000 | 100% |
Вкупно | 332.882.000 | 10.095.158 | 894.576 | 10.989.734 | 100% |
Најголем дел од поддршката се однесуваше на мерки кои немале фискални импликации, пред се воведената можност за одложување и реструктурирање на отплатите на кредитите за фирмите и граѓаните за период од 3 до 6 месеци. Исто така, беа обезбедени 8 милиони евра за нова линија бескаматни кредити од Развојната банка, преку која се поддржаа 639 претпријатија со 11.325 вработени. Со овој пакет се усвоија и запирањето на законот за извршување, забраната за отворање стечајна постапка, ослободувањето од кирија за корисниците на социјални станови и др.
За мерки кои предизвикале директни буџетски расходи беа одвоени 85,9 милиони евра, при што средствата се имплементирани во целост. Убедливо најважната мерка во оваа група беше поддршката за работодавачите за заштита на работните места во износ од 14.500 денари (на ниво на минимална плата) по вработен за исплата на платите за април, мај и јуни, за компании и самостојни вршители на дејност кои имаа намалување на приходите од најмалку 30%. За оваа мерка се одвоија и реализираа 84 милиони евра, при што беа опфатени околу 120.000 вработени. Останати мерки од овој тип беа:
- паричен надоместок за граѓаните кои останале без работа во износ од 50% од просечната плата на работникот за која се одвоија буџетски расходи од околу 900 илјади евра;
- олеснување на критериумите со цел проширување на опфатот на корисници на социјална помош во износ од 450 илјади евра буџетски расходи; и
- поддршка за спортистите и уметниците во износ од 14.500 денари за месеците април и мај за која се реализирани расходи од 508 илјади евра.
Во вториот пакет нема мерки кои предизвикуваат намалување на буџетски приходи.
Трет пакет
Третиот пакет економски мерки, објавен на 17.05.2020, беше насочен кон заживување на домашната економија преку директна поддршка на граѓаните и стопанството. Истиот содржи краткорочни и среднорочни мерки за ревитализација на домашната економија.
Целта на мерките од третиот пакет е:
- поттикнување на приватната потрошувачка на граѓаните, со што се создаваат услови за подобар живот;
- заштита на постојните и креирање нови работни места;
- зголемена конкурентност на компаниите на домашно, регионално и глобално ниво;
- интервентно активирање на домашниот туризам;
- промоција на нови земјоделски култури и поддршка на земјоделците за уште поголем обем и квалитет на домашно производство;
- развој на економските дејности со воведување ИТ и онлајн активности и алатки;
- стимулирање и зголемување на безготовинските и онлајн плаќања како инструмент за намалување на сива економија итн.
За третиот пакет се одвоени вкупно 229,3 милиони евра, од кои заклучно со февруари 2021 година се имплементирани 172,9 милиони, односно 75,4%, при што се очекува зголемување на имплементацијата во наредниот период.
Повисок износ од третиот пакет е наменет за физички лица односно 122,4 милиони евра, додека 106,9 милиони се насочени кон правни лица.
Табела 3. Резиме на трет пакет (во евра)
Група | План на средства за мерки | Искористени средства | Неискористени средства | Имплементација | Имплементација (во %) |
Директни буџетски расходи | 143.250.000 | 56.205.804 | 29.775.139 | 85.980.943 | 60% |
Намалени буџетски приходи | – | – | – | – | – |
Без фискални импликации | 86.000.000 | 80.600.000 | 6.300.000 | 86.900.000 | 101% |
Вкупно | 229.250.000 | 136.805.804 | 36.075.139 | 172.880.943 | 75,4% |
За мерките кои предизвикуваат директни фискални расходи се имплементирани 86 милиони евра, односно 60% од планираните 143,3 милиони. Во овој пакет беа вклучени неколку мерки со значителен износ на буџетски расходи, пред се платежните картички, во вредност од 9.000 денари за сите невработени лица, во вредност од 3.000 денари за млади и за вработени со нето-плата помала од 15.000 денари месечно. Само за оваа мерка се имплементирани 28 милиони евра, доделени на околу 309.337 граѓани. Останати мерки од оваа група се:
- поддршка за приватниот сектор за нови пазари, конкурентност и модернизација каде се имплементирани 20 милиони евра со кои се поддржани 400 компании;
- ваучер за домашен туризам од 6.000 денари за вработени со нето плата помала од 15.000 денари месечно, со имплементирани 16 милиони евра;
- платежна картичка за субвенционирање на 50% од зелената нафта за земјоделците се имплементирани4,6 милиони евра;
- награда за докторите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија се реализирани 890 илјади евра за 4.260 доктори и медицински персонал;
- надомест за невработеност за лицата кои го изгубиле работното место поради КОВИД-19 се имплементирани 2,5 милиони евра за 3.123 лица;
- парична поддршка за млади до 3.000 денари во вид на ваучери за кофинансирање за обуки за ИТ и дигитални вештини се имплеменирани 12 милиони евра;
- кофинансирање на трошоци за занаетчии за набавка на алати и репроматеријали се реализирани 145 илјади евра за 225 занаетчии;
- поддршка за развој на домашни старт-ап продукти и услуги преку Фондот за иновации се имплементирани 1,6 милиони евра за 88 проекти;
- кофинансирање на настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари се имплементирани 250 илјади евра;
За мерки кои немаат фискални импликации во овој пакет беа одвоени 86,0 милиони евра, а имплементиран е и повисок износ (86,9 милиони). Со овој пакет се обезбедија нови значајни кредитни линии. Се одобрија поволни кредити со каматна стапка од 1,6% за компаниите преку Развојната Банка во рамки на кредитната линија на ЕИБ, во износ од 50,9 милиони евра за 186 компании. Исто така, преку Развојната Банка се одобрија бескаматни кредити за фирми во вкупен износ од речиси 28 милиони евра со која се подржаа 2.459 компании со 17.747 вработени. За поддршка на аграрниот сектор се обезбедени 5 милиони евра преку Развојната Банка, од кои досега се реализирани 1,8 милиони евра. Освен кредитни линии, со третиот пакет се предвидоа и можности за јавно-приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор, долгорочен закуп на пасишта и окрупнување на земјоделското земјиште.
Во третиот пакет нема мерки кои предизвикуваат намалување на буџетски приходи.
Четврт пакет
Четвртиот пакет мерки е донесен на 27.09.2020 како директна помош за економската и социјалната сигурност на граѓаните, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст.
Вкупно за четвртиот пакет се одвоени 472,1 милион евра, од кои имплементирани се 73%, или 343 милиони, при што се очекува значително зголемување на реализацијата во периодот кој следува.
Табела 4. Резиме на четврт пакет (во евра)
Група | План на средства за мерки | Искористени средства | Неискористени средства | Имплементација | Имплементација (во %) |
Директни буџетски расходи | 293.400.000 | 171.814.725 | 100.949.698 | 272.764.423 | 93% |
Намалени буџетски приходи | 36.410.000 | 10.440.300 | 17.509.700 | 27.950.000 | 76,8% |
Без фискални импликации | 142.276.422 | 42.276.422 | – | 42.276.422 | 29,7% |
Вкупно | 472.086.422 | 224.531.448 | 118.459.397 | 342.990.845 | 72,7% |
Во рамки на овој пакет, за директни буџетски расходи се одвоени 293,4 милиони евра, од кои имплементирани се 272,8 милиони, односно 93%. Продолжени се некои од најважните мерки од претходните пакети. За финансиска поддршка за исплата на плати за месеците октомври, ноември и декември имплементирани се 70 милиони евра, при што поддршката ја искористија 13.042 компании со 70.766 вработени. Освен ова, за финансиска поддршка за ранливи категории преку исплата на финансиски средства на трансакциска сметка за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности имплементирани се 27,6 милиони евра за 254.646 корисници. Имплементиран е дел од кредитот од Светска банка за поддршка на здравствениот и социјалниот сектор во износ од 68,4 милиони евра.
Останати мерки кои повлекле директни буџетски расходи се:
- Поддршка на откуп на грозје од реколта 2020 година за која се реализирани 7,7 милиони евра;
- Грантови за 500 туристички агенции со кои се имплементирани 2 милиони евра;
- Грантови за ресторани за свадби во висина од 3 до 10 илјади евра со кои се имплементирани 1 милион евра;
- Грантови за игротеки за деца со кои се имплементирани 2,5 милиони евра;
- Поврат на туристичката такса за 2019 година за 4.740 субјекти, за оваа мерка се имплементирани средства од 2 милиони евра, при што досега поднесени се 214 барања и истите се реализирани;
- Поддршка со плати за туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември преку која се имплементирани средства од 1,6 милиони евра и др.
Со мерки кои предизвикуваат намалени буџетски приходи имплементирани се средства во износ од речиси 28 милиони евра, што е 77% од планираните 36,4 милиони.
Поважни мерки од оваа група се:
- одложување на плаќање на аконтации на данокот на добивка и данокот на личен доход до март 2021 година за компании и вршители на дејност кои имаат пад на приходи поголем од 40%;
- намалување на стапката на ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци на 10% при што се проценуваат намалени буџетски приходи во износ од 8 милиони евра;
- намалување на увозни давачки за суровини и репроматеријали каде се реализирани намалени приходи од 1,8 милиони евра;
- викенд без ДДВ, намалени буџетски приходи односно вратен данок на додадена вредност, за која мерка беа имплементирани 17 милиони евра;
- намалување на дневната казнена камата за јавни давачки (се предвидуваат намалени буџетски приходи од 2,1 милион евра);
- продолжување на лиценците за работа на дискотеките, ноќните клубови како и за компаниите од транспортната заедница, намалени буџетски приходи од околу 100 илјади евра;
- намалување на стапката на ДДВ за занаетчиските услуги и производи од 18% на 5%;
- признавање на трошоците за приватно здравствено осигурување и тестирање од КОВИД-19 како признаен расход; и др.
Од мерките кои немаат фискални импликации, предвидени се нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната Банка, чија реализација е во финална постапка. Исто така, се зголеми грејс-периодот на бескаматната кредитна линија КОВИД-1, а се овозможи и дополнително одложување на отплата на кредити за компании до крајот на 2020 година. Се дозволи и одложено плаќање на ДДВ пет дена по поднесување на ДДВ пријавата.
Ефектот на четирите пакети врз економската активност и невработеноста
Во 2020 година економската активност забележа пад од 4,5%, што е во рамки на предвидувањата. Намалената економска активност, согласно очекувањата, е главно резултат на неповолните движења во второто тримесечје, кога реалниот БДП се намали за 14,9% на годишна основа, што се должи на ограничувачките мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во земјата и влошеното меѓународно окружување, а се одрази врз активноста на голем дел од услужните дејности, градежништвото и индустријата. Во третото и четвртото тримесечје падот на економската активност значително забави, односно е забележан пад од 3,3% и 0,7% соодветно, во услови на забавено темпо на пад на активноста во индустрискиот и услужниот сектор, односно поповолни движења на извозната и инвестициската активност (раст од 4,2% во третото тримесечје по падот од 34,4% во второто) и континуиран раст на јавната потрошувачка со цел справување со пандемијата.
Одговорот на фискалната политика на пандемијата во земјата беше брз и значаен во поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население и имаше значително влијание кон ублажување на негативните последици на пандемијата врз доходот и потрошувачката на домаќинствата и активноста на деловните субјекти. Фискалниот стимул на досега реализираните мерки изнесува 704 милиони евра, односно 6,5% од БДП.
Оттука, се проценува дека преку фискален импулс од 704 милиони евра (6,5% од БДП) падот на економската активност е ублажен, односно без овие мерки падот на економската активност би бил повисок за 3,9 процентни поени во 2020 година, односно би изнесувал -8,4%, наспроти остварениот пад од 4,5%.
Ваквата проценка се базира на проценета дистрибуција на ефектот на мерките врз приватната потрошувачка од 67% (две третини), врз јавната потрошувачка од 16%, врз инвестициите од 7% и врз извозот од 10%. Притоа, треба да се има предвид дека поддршката на домашната побарувачка и извозната активност подразбира ефекти и врз увозот, кој импакт е вклучен во пресметките со пондер од 25%.
Имајќи го ова предвид, гледано по компоненти на БДП, доколку не би биле преземени мерките (пример: субвенции за плати, придонеси од плати, платежни картички итн.) падот на приватната потрошувачка би бил речиси двојно поголем, односно -11,8%, наместо -5,6% колку што изнесува според објавените податоци на ДЗС.
На табелата во продолжение се прикажани пресметките по компоненти.
реални стапки на раст (%) | вклучен импакт на мерките (објавени податоци од ДЗС) |
без импактот на мерките (контрафактичка анализа) | импакт (проц. поени) |
БДП | -4,5 | -8,4 | 3,9 |
Приватна потрошувачка | -5,6 | -11,8 | 6,2 |
Јавна потрошувачка | 10,1 | 3,3 | 6,8 |
Бруто-инвестиции | -10,2 | -11,6 | 1,4 |
Извоз на стоки и услуги | -10,9 | -11,9 | 1,0 |
Увоз на стоки и услуги | -10,5 | -12,6 | 2,1 |
Притоа, треба да се има предвид дека дел од мерките, како што се мерките за поддршка на инвестициите имаат мултипликативни ефекти врз економската активност(*). Доколку се вклучат овие индиректни ефекти на мерките, падот на економската активност би бил повисок за 4,2 процентни поени во 2020 година, односно би изнесувал -8,7%, наспроти остварениот пад од 4,5%.
(*Мултипликаторот на инвестициите, согласно историските движења е проценет на 1,6.)
Стапката на невработеност, по зголемувањето во второто тримесечје на 16,7% (од 16,2% во првото), во третото и четвртото бележи постепено намалување на 16,5% и 16,1% соодветно, со што просечната стапка на невработеност во 2020 година изнесува 16,4% согласно Анкетата на работна сила, што претставува намалување од 0,9% во споредба со 2019 година. Вработеноста е зголемена најмногу во информациско-комуникациската дејност, здравството, социјалната заштита и трговијата. Од друга страна, вработеноста е главно намалена во земјоделскиот сектор и снабдувањето со електрична енергија и вода, а во помала мера и во градежништвото, транспортната и угостителската дејност.
Просечната месечна нето-плата во 2020 година, согласно предвидувањата, забележа раст од 7,8%, кој произлегува од мерките преземени пред пандемијата, како што се: зголемувањето на нивото на минимална плата, владината мерка за финансиска поддршка на работодавците коишто ќе извршат зголемување на платата до одреден износ, зголемените плати на вработените во јавниот сектор во септември 2019 година, како и дополнителното зголемување на платите во образованието и здравството во 2020 година, додека мерката за финансиска помош на работодавците погодени од здравствената криза за исплата на плата влијаеше врз ублажување на надолниот тренд на раст на платите во текот на пандемијата. Платите најмногу пораснаа во следните дејности: информации и комуникации, образование, здравство и социјална заштита, трговија, преработувачка индустрија и градежништво.
Извештај со статус на реализација на економските мерки од КОВИД-19
Извештај со статус на реализација на економски мерки за справување со криза од КОВИД-19