Шестиот пакет на мерки, усвоен на денешната 66-та седница, опфаќа седум мерки со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, пришто ќе се поддржат 10.000 компании, кои вработуваат околу 60.000 граѓани, соопштија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Развојната банка, Кире Наумов на заедничката прес-конференција.
Вицепремиерот Битиќи нагласи дека од самиот почеток на кризата Владата носи сеопфатни мерки на секои три до четири месеци, во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции, сѐ со цел задржување на ликвидноста на компаниите и на работните места за граѓаните. Тој додаде дека пред точно две недели, по препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлука за делумно затворање на угостителските објекти, заради заштита на здравјето на граѓаните и спречување на ширење на вирусот.
„Уште тогаш најавивме дека истата одлука ќе ја следат соодветни мерки за поддршка и помош и денеска истите ќе ги презентираме. Уште еднаш на дело покажуваме дека државата е партнер на граѓаните и стопанството. Денеска ставаме на располагање 17,8 милиони евра, таргетирана финансиска поддршка за 12 категории на економски дејности. 17,8 милиони евра со кои ќе се поддржат близу 10.000 компании и околу 60.000 вработени, наши сограѓани“, потенцираше Битиќи.
Вицепремиерот ги презентираше сите мерки од шестиот пакет.
Мерка 1
На сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра.
Мерка 2
На скоро ист принцип, со 2,5 милиони евра ќе се поддржат категоризирани – ресторани за свадби, евент индустријата, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија. Во овие категории спаѓаат околу 1.200 компании ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен, заклучно со 31.12.2020 година.
Мерка 3
Категоризираните туристички агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милиони евра. Притоа туристичките агенции со А лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца ќе добијат до 2.000 евра.
Мерка 4
Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.
Мерка 5
Околу 2 милиони евра се наменети за компаниите кои ја реинвестирале добивката од 2020 година, мерка која ќе се реализира преку Развојната Банка, а ќе им помогне на компаниите да ја зголемат ликвидноста, да ги реализираат своите инвестициски планови и да продолжат со својот развој, преку субвенционирање на каматни стапки.
Мерка 6
Со бескаматна кредитна линија преку Развојната банка од 1 милион евра, ќе се поддржат медиумите кои емитуваат радио и телевизиска програма.
Мерка 7
Во очекување на претстојната туристичка сезона и како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка, а со тоа и угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР тестови за странските туристи кои престојувале во државата.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека дел од мерките имаат и развојна компонента, во насока на раст на ликвидноста и поттикнување на инвестициите.
„Од исклучителна важност е поттикнување на ликвидноста на стопанството. Оттаму и мерките кои се предлог на Министерството за финансии се во таа насока. Едната е Поддршка на ликвидноста за компаниите кои ја реинвестирале добивката за 2020 годинa преку субвенционирање на камати на кредити. Втората мерка е Кредитната линија за финансиска поддршка на деловните субјекти од областа на емитување на радио и телевизиски програми со цел намалување на последиците од корона вирусот КОВИД-19, преку посебна кредитна линија во износ од 61,5 милиони денари или 1 милион евра со 0% каматна стапка која ќе се пласира преку Развојната банка. Изминатите пакети мерки покажаа дека даваат резултати. Владиниот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, поточно, според калкулациите на Министерството за финансии, истиот е амортизиран за 4,2 процентни поени, односно без мерките падот ќе достигнеше дури 8,7%“, посочи Бесими.
Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека Туристичко-угостителскиот сектор е најпогодениот сектор од почетокот на кризата предизвикана од пандемијата и токму затоа Министерството за економија во првите пет сета на мерки се фокусираше на поддршката токму на овој сектор.
„Досега овој сектор е поддржан со над десет милиони евра и тоа преку ваучери за домашен туризам со вкупно 6,2 милиони евра, со враќање на уплатена туристичка такса со вкупна вредност од 950 илјади евра, со грантови за туристички агенции во вредност од 1,2 милиони евра, со средства за кофинансирање на настани и конференции со финансиска поддршка од државата каде беа наменети 24 илјади евра, преку грантови за категоризирани ресторани за свадби со 906 илјади евра, грантови за игротеки во вредност од 222 илјади евра, грантови за туристички водичи со лиценца кои добија 82 илјади евра, како и со мерката за продолжување на лиценци за работа на дискотеките и ноќните клубови, мерка која изнесуваше 97 илјади евра“, подвлече министерот за економија.
Бектеши се задржа на дел од мерките од шестиот пакет кои ќе ги спроведува Министерството за економија, пришто посочи дека за поддршка само на туристичко-угостителскиот сектор со шестиот пакет мерки се предвидени мерки во вкупна вредност од 14,8 милиони евра.
„Планирана е финансиска поддршка на угостителите регистрирани со шифри на приоритет на дејност: 56.10 (ресторани и останати објекти за подготовка на храна), 56.29 (останати услуги за подготвување и служење на храна), 56.30 (подготовка и послужување на пијалаци). Со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 6.000 компании, со околу 17.000 вработени за што се наменети 9,9 милиони евра. Со оваа мерка ќе се додели финансиска поддршка на сите регистрирани активни субјекти од оваа дејност. Како основа за пресметка на поддршката се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година, на кои се аплицира месечен износ за компензација од 30%, кој ќе биде помножен со соодносот на бројот на денови колку што овие дејности се затворени. За сите субјекти од наведените дејности кои се регистрирани после 2019 година како основ за пресметка ќе бидат земени просечните месечни приходи од денот на основање до крај на 2020 година. Дополнително, секој регистриран активен субјект од овие дејности ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен, според бројот на ефективни работни часови, со пресек на 06.04.2021 година“, соопшти Бектеши.
Главниот извршен директор на Развојна Банка на Северна Македонија, Кире Наумов, ја поздрави Владата која го препозна капацитетот на РБСМ преку која се реализираа повеќе мерки од сите пет економски пакети.
,,Вкупно 50,9 милиони евра кредити со поволна каматна стапка пласиравме до 186 домашни компании преку деловните банки. Воведовме нов производ - царинска гаранција, за да им го олесниме извозот на компаниите кои прават увоз заради облагородување и повторен извоз. Компаниите од преработувачката индустрија можеме да ги поддржиме со царинска гаранција до 390.000 евра, додека сите други мали и средни компании сме спремни да ги поддржиме со царински гаранции до 250.000 евра. Преку трите бескаматни кредитни линии со 44,1 милиони евра поддржавме 4.087 субјекти кои заедно вработуваат 36.802 лица”, нагласи Наумов.
Преку РБРСМ ќе се реализираат и две од седумте мерки предвидени во шестиот пакет - нова бескаматна кредитна линија за субјектите во дејноста на емитување на радио и телевизиски програми, и мерка за субвенционирање на трошокот за камата на компаниите кои ја реинвестирале остварената добивка, а ќе овозможи овие компании да имаат ефективно каматна стапка од 0% за новоодобрени кредити за тековни средства од деловните банки.