Дијалогот на МОН со општините, училиштата и стопанските комори кој го започнавме на почетокот на оваа календарска година насловен како „Учи паметно, работи стручно“ и преку кој ги идентификувавме потребите од отворање на нови профили и паралелки во училиштата на локално ниво, односно за прв пат креиравме заедничка уписна политика, продолжува да се реализира преку втората фаза, која е кампањска и со која на терен ќе ги доближуваме предностите, перспективите и можностите кои ги нуди средното стручно образование на идните средношколци. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на двете средни училишта во општина Кочани – СОУ „Љупчо Сантов“ и СОУ „Гошо Викентиев“.
Министерката истакна дека заедно со амбасадата на Швајцарија во Скопје која го финансира проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ направен е план за посета на сите средни стручни училишта со кои заедно ќе се организираат отворени денови за учениците од соодветните општини.
„Целта е подетално да ги запознаеме со тоа што им нуди овој тип на образование, по какви наставни програми ќе се едуцираат, каде и каква практична настава ќе реализираат, каква е веројатноста за вработување по стекнувањето на соодветните стручни квалификации, какви можности за стипендирање можат да искористат додека учат и слично“, рече Царовска додавајќи дека очекува овие средби со младите да ги разрешат нивните дилеми каде да го продолжат своето средно образование.
Министерката рече дека со ваквите активности верува дека младите ќе бидат мотивирани во што поголем број да се запишуваат во средните стручни училишта, особено во дуалните паралелки, каде се применува концепт кој е исклучително модерен и како што рече, баш онаков каков што има и во земјите со развиени образовни системи и образовни политики синхронизирани со потребите на економијата и стопанството.
„Овде во општина Кочани и во двете училишта „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викетиев“ се отворени дуални паралелки, што значи дека учениците кои ќе се запишат ќе имаат интересно образование, со повеќе практична обука во познати локални компании на кои ќе им станат и потенцијална работна сила на добро платени работни места по стекнувањето на дипломата. Во меѓувреме ќе можат да го остварат и правото на стипендија затоа што се запишани во дуална паралелка, а тоа право значи добивање на 3500 денари месечно за 9 месеци во годината“, рече Царовска апелирајќи до полуматурантите добро да размислат каде ќе продолжат да се образуваат, притоа водејќи се согласно своите лични желби и афинитети, но и согласно информациите за тоа што недостасува и каков тип на образование нуди перспектива на пазарот на трудот.