Тетовската клиничка болница со добро финансиско работење и намалени долгови, смета Тодоров
Финасиското работење на менаџерскиот тим на Клиничката болница Тетово е едно од подобрите помеѓу досега контролираните јавни здравствени установи, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров на вториот ден од посетата на оваа јавна здравствена установа.
За околу година и половина од работата на директорот на Флорин Бесими и неговиот тим, Тетовската клиничка болница, рече Тодоров, има забележано сериозно намалување на долговите од 62 проценти или од 34 милиони денари тие сега изнесуваат 12 милиони денари во услови кога буџетот е минимално зголемен.
- Овие позитивни ефекти се резултат како од нашите укажувања така и од работата и употребата на соодветните алатки на менаџерскиот тим, изјави Тодоров.
Според него, менаџерскиот тим на Клиничката болница Тетово максимално ревносно постапувал и по препораките од првиот сет на мерки што беа препорачани од Министерството веднаш неговото доаѓање на функцијата.
Со нив, посочи тој, се бараше од управите на сите установи да влијаат на зголемувањето и подобрувањето на хигиената, јавни набавки на потребните медицински материјали и лекови по еднаков критериум со цената во преден план и внимание во поглед на потрошувачката на лекови.
- Тетовската болница има особени резултати во поглед на хигиената и системот на нејзино одржување и контрола, организацијата за работата во смени придонесува да нема турканици и непотребни гужви од пациентите од една и заштеда на средства од друга страна бидејќи нема дежурства додека за сите набавки главен критериум е цената особено за поскапите лекови за што се води детална евиденција што како систем ние најверојатно ќе го препорачаме да се применува на територијата на целата држава поради ефектите во намалувањето на трошоците, рече Тодоров.
Тој нагласи дека и во болницата не се решени сите проблеми но оти управата на таа јавна здравствена установа покажува подготвеност за дневно пресретнување на проблемите, нивно решавање, подобрување и подигнување на квалитетот на медицинските услуги.
- Во последниот период во болницата се реновирани 96 тоалети, обновена е фасадата на голем дел од објектите и поставен е нов под од вкупно 2.000 метри квадратни во Интерното одделение со вкупна вредност на овие зафати во осовременувањето на здравствената инфраструктура од 22 милиони денари, истакна Тодоров.
Запрашан за информациите дека некои пациенти се упатуваат сами да купуваат лекови и медицински материјал, министерот Тодоров рече дека е запознат со овој проблем, но оти тој е предимензиониран или пак креиран отстрана.
- Овој проблем може да има и политичка, но и коруптивна природа затоа како што сум разбрал пациентите се праќаат да ги набават бараните материјали во строго определени аптеки или има примери да се бараат пациентите да набават ракавици, конци или гази во услови кога болницата е целосно опремена. За надминување на оваа појава ние имаме препорачано мерки и поблизок мониторинг бидејќи без разлика на мотивите на овој начин се влијае врз угледот на здравствениот ситем од целата држава, укажа Тодоров.
Тој истакна дека евентуален недостиг на поедини лекови може да се јави поради ненавремено требување од лекарите или одделенијата како и да тој лек да престанал да се произведува, што, според него, ќе се реши со интервентен увоз.
- Доколку било кој од пациентите било каде во државата се сретне со ваков случај да му биде побарано сам да набавува лекови, јас апелирам тоа да го пријават до директорот на болницата со точни податоци кој лекар тоа им го побарал и каде ги упатил да ги купат бараните лекарства, рече Тодоров.
Тој ги посочи и измените во Законот за здравствена заштита со кој доколку некоја здравствена установа остане без потребните лекови и материјали поради нераспишување на тендер по 15 денови Министерството ќе побара да се реши состојбата. Ако по дополнителни 15 денови, како што рече, нема подобрување, Министерството ќе има право да го разреши директорот од функцијата.
Директорот на Тетовската клиничка болница Флорин Бесими одговарајќи на новинарско прашање за состојбите на Одделот за дијализа, рече дека тие располагаат со 20 апарати од кои 10 се позитивни, а 10 негативни согласно типот на болеста и дека во мометот опслужуваат 76 болни.
- Бидејќи во нашиот регион има многу печалбари во летната сезона имаме зголемен број на пациенти, но нашето одделение има капацитет, кадар и опрема за прифаќање на сите пациенти бидејќи во моментот таму се работи само во прва и втора смена, рече Бесими.