На претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска во Атина му е врачено одликување како признание за неговиот голем придонес во унапредувањето на економските и политичките врски меѓу Грција и Северна Македонија од страна на претседателот на Атинската трговско-индустриска комора, Константинос Михалос.
Претседателот на комората Михалос искажа голема благодарност за посветената работа на премиерот Заев и за неговите заложби за зацврстување и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.
На средбата присуствуваа истакнати стопанственици, членови на комората од повеќе сектори како енергетика, индустрија, ИТ индустријата, фармацијата, кои искажаа интерес за инвестирање и за нови вложувања со партнери од Северна Македонија.
Премиерот Заев се заблагодари за честа за доделеното одликување и за укажаното признание и подвлече дека Владата на Северна Македонија континуирано се залага за подобрување на деловниот амбиент и за инвестициски вложувања. Посочи дека надворешно-трговската размена на Република Северна Македонија со Република Грција е значајна имајќи предвид дека Грција континуирано се наоѓа меѓу петте најголеми наши трговски партнери.
Со средбата во Атинската трговско-индустриска комора, премиерот Заев ја заокружи дводневната работна посета на Атина и учеството на Економскиот Форум Делфи.