Премиерот Зоран Заев придружуван од градоначалниците на Град Скопје и Општина Центар – Петре Шилегов и Саша Богдановиќ денеска присуствуваа на почетокот на градежни работи за реконструкција и асфалтирање на првата делница на улицата „Орце Николов“, која е една од најфреквентните улици во Скопје и истовремено една од оние која ги поврзува најурбаните и најпопуларни градски сврталишта.
Реконструкцијата на „Орце Николов“ ќе им даде поголем приоритет на пешаците, со тоа што ќе се стимулираат пешачките токови и ќе се зголеми безбедноста за нивно движење по целата должина на улицата.
„Градот Скопје и Општина Центар со оваа реконструкција се водат од мотото „Здравјето и безбедноста на граѓаните на прво место“, за заштита на пешаците, а особено децата. Брзината на движење на оваа улица за моторните возила е ограничена на максималните 30 километри на час, а предвидените дополнителни зафати ќе обезбедат уште поголеми можности за безбедност на учесниците во сообраќајот и на пешаците. Со новиот проект ќе се стесни коловозниот дел на улицата, со задржување на двете ленти за возила и ќе се изведе нов кружен тек кај раскрсницата со улицата „Ленинова“ која е позната по честите сообраќајни незгоди", истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите.
Планот за реконструкцијата предвидува и велосипедски ленти кои ќе овозможат поврзување на велосипедистите и корисниците на алтернативни средства за транспорт, со останатите велосипедски патеки кои веќе постојат или се предвидени согласно Планот за развој на велосипедски патеки на Град Скопје. Целосната реконструкција на улицата ќе биде поделена во шест посебни фази, од кои секоја ќе опфаќа посебен дел од „Орце Николов“ од раскрсницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до раскрсницата со улицата „Франклин Рузвелт“.
Градоначалникот на Град Скопје – Петре Шилегов се осврна на фактот што по целосната реконструкција на улицата, целосно ќе се ослободуваат тротоарите од паркирани возила и со тоа на жителите на овој дел од градот им создаваме услови за олеснето движење по пешачките површини и вело патеките, што ќе доведе до општо намалување на сообраќајниот метеж на оваа улица. Се добива на квалитет на јавниот простор за прекрасни прошетки по дрворедите на „Орце Николов“. Градот Скопје во изминативе три ипол години покажува различна политика во уредувањето во градот и велосипедистите, пешаците и лицата со посебни потреби ни се приоритет, додаде Шилегов.
Градоначалникот на Општина Центар – Саша Богдановиќ истакна дека ова е уште еден зафат во општината со кој градот ја добива најубавата, најбезбедната и најмодерната улица со многу смарт решенија, со која сите ќе се гордееме и улица која ќе биде пример како и на кој начин ќе се изведуваат сите сообраќајни и инфраструктурни проекти во иднина.
Со овие градежни зафати на „Орце Николов“ ќе бидат опфатени 7.182 метри квадратни, крајот на работите е предвиден кон средината на јули. Целиот зафат ќе чини 64,8 милиони денари што се обезбедени од Буџетот на Општина Центар.