Груевски: Енергетиката во фокусот на катарските компании

Енергетиката, изградба на недвижности,  земјоделството и  туризмот, односно туристичките слободни зони, се клучните четири области  за кои покажале најголем интерес катарските компании. Делегација составена од претставници на различни сектори и компании најави посета на Македонија во април за да се информираат за деталите околу потенцијалните проекти за инвестирање, изјави премиерот Никола Груевски кој со  денешните  средби  во Доха ја заврши дводневната посета на Државата Катар. 

Тој посочи оти на вчерашната средба министерот за енергетика и индустрија Мохамед бин Салех Ал-Сада покажал најголем интерес за проектот за влегување со 49 отсто во компанијата за производство на енергија ЕЛЕМ по пат на докапитализација.

- Катарската страна е дефинитивно заинтересирана. Со изградба на нови хидроцентрали, термоцентрали, гасни централи со која што инвестиција би се дошло до 49 отсто од ЕЛЕМ. Уште еднаш ќе повторам, тоа е дел од нашата и предизборна и владина програма и ние веќе почнавме подготовки минатата година за една ваква операција, така што најмногу интерес покажаа за овој проект бидејќи по нивните стандарди тоа е покрупен проект, а другите ги гледаат како помали проекти, но остануваат заинтересирани и за нив, како што е Вардарска долина или проектите поврзани со секундарната гасификација и други проекти за коишто првичен интерес постои, но треба да дојдат, да ги изнализираат и конечно да видат дали тоа би било од интересно за нив, рече премиерот Груевски.

Катарскиот министер за енергетика и индустрија од своја страна го оцени состанокот со премиерот Груевски како многу успешен, подвлекувајќи оти разговарале за  соработка во повеќе области, особено во енергетиката, гасификацијата и за потенцијалното партнерство во други проекти. 

-  Се согласивме да ги продолжиме разговорите во Македонија во април кога ќе дојдат наши технички и комерцијални експерти за да ги разгледаат деталите за евентуалното партнерство. рече Мохамед бин Салех Ал-Сада.

Премиерот Груевски денеска имаше средба и со претставници на компанијата Катар Петролеум и со компанијата Катар Ервејс, авионска компанија на Катар со којишто разговарале за можностите за соработка.

- Со Катар Петролеум разговаравме за идејата за отворање 20 бензински пумпи во Република Македонија за што постои интерес. Тие набрзо ќе пратат претставник во Македонија да ги погледне локациите. Дел од локациите ние  веќе имаме подготвено, дел дополнително ќе треба да се завршат работите низ општините. Меѓутоа, сето тоа за неколку месеци би можело да се подготви доколку останат на интересот којшто го имаат сега и да се реализира, рече премиерот.

На вториот состанок со авионската компанија Катар Ервејс станало збор за можноста Македонија, односно Скопје да биде претфинална дестинација во нивните летови за Европа.

- Нереално е да се очекува помеѓу Катар и Македонија коишто и двете се од прилика двемилионски држави да има директна линија затоа што нема доволен број на патници, меѓутоа нивните дестинации што се за другите европски градови може да бидат со претходно едночасовен престој на авионот за промена на патници, влегување и излегување на некои од нив и потоа одење до крајната дестинација во Европа. За таа работа се потребни дополнителни проверки, односно дополнителни барања на согласности од државата која што би била финална дестинација, што значи дека постои волја од катарска страна, но трба понатаму да се работи на ова за да се реализира и пред се да се работи со другите држави коишто би требало да дадат согласност за таква работа, нагласи Груевски.  

Тој подвлече дека вчера, покрај средбата со емирот, одржале и презентација пред група компании од Катар за инвестициските можности во Македонија и остварени биле средби со поединечни компании. Меѓу другото биле презентирани конкретни проекти како што е проектот за касарната „Илинден“, можноста за изградба на проекти во Сопиште, изградба на висококатници во Скопје и редица други проекти за да им ги доближиме деталите од овие проекти да бидат поподготвени при нивното доаѓање во Скопје.  

Шефот на Владата посетата на Катар ја оцени како успешна и над очекувањата. - Се сретнавме со многу луѓе. Живиот контакт и покрај развојот на сите телекомуникациски технологии и понатаму останува најважниот контакт којшто најмногу може да ги придвижи работите. Оваа дводневна интензивна посета на Катар со набиена програма се надевам дека во иднина ќе даде резултати во однос на инвестиции во Македонија и отворањето нови работни места, како и во политичкиот дел каде што очекуваме набрзо отворање на катарска амбасада во Скопје и понатамошни добри контакти со Државата Катар, рече премиерот Никола Груевски.