Министерката Шахпаска и директорот на АВРСМ, Демири: Граѓаните добиваат дополнителна шанса за вклучување во најатрактивните програми и мерки од Оперативниот план 2021

Најатрактивните програми и мерки од Оперативниот план 2021, за кои изминатиов период имаше најголем интерес, од денес повторно им се достапни на граѓаните, информираа на денешната прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири.

Двајцата говорници потенцираа дека на ваков начин, граѓаните и работодавачите добиваат уште една дополнителна шанса да аплицираат за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање на плати, мерката Практиканство, мерката Обука на работно место за познат работодавач и програмата Јавни Работи.

„Мерките од Оперативниот план, кои се реализираат преку Министерството за труд и социјална политика и преку Агенцијата за вработување, обезбедуваат поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот на работниот однос им е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради Пандемијата со КОВИД-19“, истакна министерката Шахпаска.

Таа посочи дека за прв пат во Оперативниот план се вградени три принципи. Справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на КОВИД-19, со кој приоритет се дава на лицата кои ја изгубиле работата поради пандемијата, принципите  на диверзитет и инклузивност и принципот на рамномерен регионален развој.

Согласно принципот на диверзитет и инклузивност, распределбата на средствата и на мерките ќе се одвива и според принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот.

Министерката информираше дека за прв пат во нашата држава 25 милиони евра се вложуваат во рамномерниот регионален развој во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во државата.

„За намалување на јазот меѓу вработеноста на мажите и жените на пазарот на трудот креиран е афирмативен пристап при селекција на кандидати во мерката Самовработување, каде соодносот меѓу мажите и жените ќе биде 40 спрема 60 проценти. При рангирање на кандидати кои имаат освоено ист број на поени, рангирањето по региони – Центрите за вработување ќе се врши со давање предност на млади лица до 34 години и корисници на гарантирана минимална помош. Целта на овие принципи е да се постигне рамномерна поддршка со Оперативниот план, која нема да биде селективна и која ќе ги опфаќа сите категории на граѓани“, подвлече министерката Шахпаска.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Абдуш Демири информираше дека оние лица кои веќе аплицирале за овие мерки и програми не треба да аплицираат повторно бидејќи нивните апликации се земени предвид.

„Денеска за прв пат е објавен и јавниот оглас за Обуките за развој на дигитални вештини кои ќе опфатат 400 невработени лица и ќе ги надградат нивните вештини  во областа на информациските технологии заради зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот“, рече директорот Демири.

За крај би сакал да акцентирам, додаде Демири, нашата цел е во што поголема мера да излеземе во пресрет на потребите на невработените лица и работодавачите и да одговориме на барањата на пазарот на трудот. Вработените во Центрите за вработување се подготвени и ги повикувам сите заинтересирани невработени лица и работодавачи подетално да се информираат за Оперативниот план за 2021 и да аплицираат за програмите и мерките кои се од значење за нив.